Нешнл интерест
Реализмот значи разбирање за различните интереси и црвени линии на државите. Неможноста ова да се оствари може да доведе до повторување на најлошите грешки во надворешната политика на Вашингтон
Надворешната политика на претседателот Доналд Трамп претрпе силен удар во изминатите неколку недели, а лошите прогнози на аналитичарите и на новинарите за надворешна политика, на крајот осамнаа на насловните страници на најчитаните американски весници. Само за два дена „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Ју-ес-еј тудеј“ објавија слични статии за борбата на администрацијата на Трамп да потчини три ривалски влади: Иран, Северна Кореја и Венецуела.
Во статијата објавена на 12 мај во „Њујорк тајмс“, Дејвид Сангер и Едвард Вонг наведоа дека „проблемите на Трамп со сите три држави покажуваат иста шема: заземање на агресивен, максималистички став без јасен план за спроведување, по што следи отуство на консензус во администрацијата околу тоа дали САД треба да бидат повеќе или помалку интервенционистички настроени“. Поранешниот преговарач од Стејт департментот Џејмс Добинс понуди слично гледиште за „Вашингтон пост“. Тој појасни дека „очигледната наклонетост на претседателот кон хазардерските политики носи нов степен на опасност и дури е уште поопасно кога се комбинира со шемата на блефирање“. „Ју-ес-еј тудеј“ накратко објасни дека надворешната политика на Трамп се приближува до пресвртницата во која „дипломатијата го допре дното по што ќе следат катастрофални резултати“.
Според сите три извештаи, вината за недоволниот успех со Иран, Северна Кореја и Венецуела лежи во преговарачките вештини на претседателот Трамп и на тенденцијата на неговиот тим за национална безбедност често да се оддалечува од светогледот на нивниот лидер. Сепак, ваквото толкување не ни дава значителен контекст и не ја претставува целосната слика зошто нуклеарната програма на Ким Јонг-ун не е укината, зошто Исламската Република Иран сè уште ги финансира платеничките војски на Блискиот Исток и зошто Николас Мадуро сè уште е на власт во Венецуела.
Како што е познато, Трамп не е безгрешната жртва. Политиките на неговата администрација во однос на Иран, Северна Кореја и Венецуела се базирани на претерано нереални, па дури и невозможни цели. Америка, исто така, често користи сила за да ја присили промената во однесувањето, но многу малку наградува како иницијатива за поттикнувањето на напредокот. Покрај тоа, иако сите овие противници се тотално различни држави, Белата куќа користи иста политика на максимален притисок во сите три примери. Во суштина, администрацијата целосно стои зад ставот дека САД треба да бидат поодлучни.
Ова значи искористување на максималното влијание на американскиот финансиски систем и сеење страв кај странските компании на иранскиот, венецуелскиот и севернокорејскот пазар. Покрај тоа, Вашингтон верува дека може трпеливо да чека додека нивните економии пропаѓаат, па така владите ќе бидат принудени (во случајот на Иран и на Северна Кореја) да започнат преговори според американските услови (во случајот на Венецуела), или да го „фрлат претседателот на волците“. Ако секој од овие режими и понатаму се противи, тогаш според општиот став на администрацијата, финансискиот притисок дополнително ќе се заостри додека не се оствари неизбежното.
Сепак, излегува дека принудувањето на послабата држава да го направи она што го бара посилната не оди така лесно. Овој проблем не важи само за Доналд Трамп, туку е една карактеристика на надворешната политика на Вашингтон, која продолжува погрешно да дејствува за да го добие тоа што го посакува. Владините претставници, законодавците и задолжените за националната безбедност во Вашингтон сакаат да мислат дека како единствената вистинска светска суперсила, САД имаат посебна способност да го натераат секој противник да капитулира преку вршење притисок врз лидерството на странската држава, банкротирање на нејзината економија, уништување на нејзините извозни пазари и закани за употреба на воена сила.
Проблемот со ваквиот став е што противникот има право на глас во меѓународната политика. Исто така, повеќето режими во светот претпочитаат да опстојат наместо да се предадат. Кога под ризик се егзистенцијалните проблеми, САД не треба да очекуваат од целната држава, дури и онаа која е во сериозна финансиска криза како Иран, да се предаде, кога цената за истото е повисока од придобивките кои Вашингтон ги нуди.
Иран е совршен пример. Политиката на санкции врз Техеран на администрацијата на Трамп, наводно, има цел да го присили иранскиот режим повторно да го отвори дијалогот и да постигне договор со САД за да стане „нормална држава“, како што ја нарече државниот секретар Мајк Помпео. Според листата на Помпео со дванаесет барања, нормалноста значи Иран да престане со производството на збогатен ураниум, да го запре развојот на балистичките ракети, да ги повлече воените и финансиските ресурси од Сирија, да ги прекине врските со платениците во регионот, да не се меша во внатрешната политика на Ирак и да ги ослободи сите американски затвореници. Од гледна точка на САД, барањата се разумни. Сепак, никој не би сакал Иран да го поддржува тероризмот. Од гледна точка на Вашингтон, Техеран би бил луд да не ја искористи можноста да потпише таков договор кога укинувањето на санкциите би било дел од условите.
Она што Вашингтон смета дека е лудост, Иран смета дека е неопходно, за да се добие предност пред неговите непријатели и суштински дел од стратегијата за национална безбедност во еден високоризичен и силно конкурентен регион во светот, во кој главно се наоѓаат ривалски земји. Всушност, крајот на Исламската Република Иран како идеја, ќе биде доколку постапи токму како што очекува Вашингтон. На многу начини тоа наликува на барањата на иранската влада упатени до Вашингтон да не распоредува сили во Персискиот Залив, да ги спречи активностите на амбасадите во арапските главни градови и да ги зацементира трговските врски со државите во регионот. Она што е нормално за едната држава, за другата претставува слабост.
Истото може да се каже и за Северна Кореја. Администрацијата исто така е убедена дека американската економска моќ постепено ќе го натера Ким Јонг-ун да го предаде нуклеарното оружје, балистичките ракети, како и хемиското и биолошкото оружје на Американците. Ако не успее стратегијата, а Пјонгјанг се спротивстави, тогаш со сигурност дополнителниот притисок врз слабата економија на Северна Кореја ќе го натера Ким да ги отвори очите.
Сепак од гледна точка на Ким, не постои иницијатива што Вашингтон ја понудил, која може да овозможи таква стабилност на режимот како што може нуклеарното оружје. Иако Ким апсолутно е свесен за придобивките од една поздравата економија, тој нема да се одлучи на тој чекор доколку од него се бара да ја повлече нуклеарната програма, поради тоа што САД, или која било друга држава, добро би размислиле дали да употребат некаков вид на воена операција, затоа што таквиот ризик не се исплати.
Не сите се согласуваат со преговарачкиот стил на Трамп, неговите избори, минати одлуки и насоката во која се движи надворешната политика. Сите причини се легитимни и фер. Но не треба да дозволиме опсесијата со Доналд Трамп да ја помати поголемата слика. Ако една влада има слаби врски со САД, не значи дека треба лесно да се предаде.
Подготвила: Билјана Здравковска