Во контејнер-замрзнувач на брод кој од Холандија тргнал кон Велика Британија пронајдени се 25 патници, соопшти холандската организација „Ријмонд Велиг“.
На групата патници им помогнале холандските служби за вонредни ситуации, а двајца биле пренесени во болница, додека останатите 23 биле однесени на „полициска локација“, се вели во соопштението на организацијата.
Како што се наведува, бродот требало да исплови од холандското пристаниште Влардинген кон Феликстоу во Велика Британија.
Екипажот на бродот соопштил дека немало жртви, а во потрага за евентуално други патници се користат кучиња трагачи.
Холандската телевизија НОС јави, повикувајќи се на неименуван полициски портпарол, дека станува збор за траект што се упатил кон Влардинген, близу Ротердам, откако биле откриени слепите патници.
Слепите патници се откриени речиси еден месец откако телата на 39 Виетнамци беа пронајдени во камион со ладилник во англискиот град Грејс.