Едно од повредените деца им подлегнало на повредите здобиени во несреќата што се случи вчера во Италија. Досега бројот на жртви изнесува 14 лица, вклучувајќи го и детето на деветгодишна возраст. Уште едно дете на возраст од пет години се бори за живот во болницата во Торино, пренесуваат агенциите.
Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека петмина Израелци загинаа во несреќата, вклучително и еден пар и едно дете кои престојуваа во Италија.
Италијанскиот претседател Серџио Матарела и премиерот Марио Драги изразија длабоко сочувство.
Несреќата се случила околу 12.30 часот на 100 метри од последната висинска станица на жичницата. Причината за несреќата најверојатно е кабелот кој се чини дека бил распукан на горниот дел. Во кабината имало 15 лица.
Капацитетот на кабините е 35 патници, така што проблемот со преоптоварување е елиминиран. „Кабината падна петнаесетина метри и удри во дрво“, објасни еден локален карабињер.
20-минутната жичарница ги поврзува селото Стреза и планината Мотароне на околу 1.500 метри.
Првите снимки од местото на трагедијата покажаа пожарникари и полицајци околу остатоците од црвено-белата кабина, која падна во тешко достапна шумска област.
Државното правобранителство на Милано отвори истрага за несреќата.
Жичарата беше затворена во периодот од 2014 до 2016 година, поради зафати за контрола и одржување.