Грета Тунберг

Младата активистка им порача на европските политичари дека проблемот со климатските промени треба да го третираат како „егзистенцијална криза“

Политико

Се чини дека лесно беше да се поттикне движење против климатските промени во светот. Шеснаесетгодишната активистка против климатските промени, Грета Тунберг, дава подетална анализа зошто политичарите тешко ги вклучуваат нејзините барања во политиката.

– Сфатив дека сè може да се случи, но исто така знам како функционираат нештата и колку сè е сложено – изјави таа за „Политико“, зборувајќи за нејзиното досегашно политичко искуство, откако летоска почна со нејзините климатски протести.

Откако од местото за посетители ја следеше пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, таа порача дека „не станува збор оти нешто ќе се случи по притискање на копчето за гласање, тука сите мораат да бидат согласни“. По тој пат тргнаа и други активисти кои сакаа нивните барања да бидат вклучени во политиката.

Ребека Хармс (62), германска пратеничка од Зелената партија, стана позната како активистка која протестираше против употребата на нуклеарни оружја во 80-тите години пред да стане политичарка. Таа разбира што значат тешките компромиси што се дел од политиката, кои воедно предизвикуваат негодувања кај оние што сакаат брза акција.

– Ние ги правиме политичките пресметки за климатските услови и работните места, новите наспроти старите технологии, кој каде работи денес и кој каде ќе работи во иднина, колку чинат продуктите, греењето во домовите и во превозот – изјави таа.

Сванте Тунберг, таткото на Грета кој патува со неа, наведе дека една од главните причини зошто неговата ќерка се оттргнала од политичкиот активизам во изминатиот период е „нејзиниот став за демократијата“.

Таа им беше гостинка на преговарачите додека ја вршеа „досадната работа“ што ја наложуваат договорите и политиките, и притоа научи како функционира политиката и дека „договорите се подложни на промена, но и дека добро е што демократијата, сепак, функционира“.

Ова не значи дека не е корисна моќта што ја имаат големите ѕверки, а на Тунберг тоа воопшто не ѝ недостига. Таа почна сама да штрајкува пред шведскиот парламент летоска, а потоа стотици илјади студенти застанаа зад неа во протестот за да се воведат подобри климатски политики. Политичарите ја сфатија пораката за да се преземат повеќе чекори за намалување на штетните емисии.

Додека ја следеше пленарната седница, таа доби стоечки овации од неколку пратеници, вклучувајќи го и Манфред Вебер, кандидатот на Европската народна партија во изборите за нов шеф на Европската комисија.

Поради тоа што е позната личност, таа стана политичка цел, додека некои политичари ја сметаат за пион во движењето за заштита на животната средина, а нејзиното движење го окарактеризираа како идеолошко. Не сите политички групи го поддржаа нејзиното појавување пред комисијата за заштита на животната средина на Европарламентот.

Стотици илјади студенти застанаа зад активистката во протестот за да се воведат подобри климатски политики

Непријатна порака

На политичарите не им е пријатно да ја слушаат младата активистка, но може да се јави еден феномен на самоказнување, додека тие чекаат во ред за да бидат укорени од страна на малата Швеѓанка, поради нивното нереагирање на проблемите.

Тунберг го стори токму ова на самитот КОП 24 во декември минатата година и пред состанокот на светските лидери во Давос во јануари, а европратениците го добија истото следување во вторникот.

– Нашиот дом се распаѓа и времето брзо ни истекува, а практично ништо не се презема. Мора сè и сите да се промениме. Тогаш зошто да губиме скапоцено време во расправии околу тоа што и кој треба прв да се промени – порача таа пред комисијата за заштита на животната средина.

Нејзините барања ги надминуваат тешко добиените цели во климатската политика на ЕУ до 2030 година. Овие цели ја одразуваат внимателната рамнотежа меѓу националните интереси како и загриженоста за губење на конкуренцијата во другите големи економии. Но, ова нема да го промени ставот на една активистка (и воедно кандидатка за Нобелова награда) која смета дека климатските промени се најгорливото прашање на оваа генерација.

– Кога им порачувам на политичарите дека треба веднаш да дејствуваат, најчестиот одговор што го добивам е дека тие не можат да направат ништо драстично, затоа што тоа не проаѓа кај гласачите. Секако дека се во право. Бидејќи повеќето луѓе дури не се ни свесни зошто се неопходни тие промени. Токму затоа, постојано порачувам дека треба да се обедините во име на науката, за во политиката и демократијата централно место да заземат досегашните постигнувања – порача таа пред Европскиот парламент.

Таа остро коментираше за пресметките кои политичарите мораат да ги прават. Во изјавата за „Политико“ таа наведе дека „тие постојано зборуваат за исти нешта“, се потпираат на некакви идни технологии дека „со нив сè ќе се реши“ или дека ќе се залагаат за нивните партиски предлози како нешто што „сите го чекаат“. Но тоа „не значи дека тие се подготвени за драстични промени како што всушност и треба да биде“.

– Оваа криза не ја третиравме воопшто како таква, туку гледаме само уште еден проблем што треба да се реши. Но ова не е обичен проблем, туку се работи за егзистенцијална криза која е поважна од сè друго – додаде таа.

Популарна атракција

Многу политичари ги толерираат острите зборови, сакајќи да добијат дел од популарноста на Тунберг. Во Стразбур, нејзиниот попладневен настап привлече огромна толпа на политичари, помошници, новинари и други приврзаници. Таа доби стоечки овации и речиси сите сакаа да остварат средба со неа.

– Никогаш не сум видел толку многу политичари во комисијата за заштита на животната средина да му аплаудираат на некој кој им вели дека практично не преземаат доволно акција. Неверојатна беше глетката како сите аплаудираа – изјави Бас Ејкхоут, еден од двајцата кандидати за следниот претседател на Европската комисија.

Претседавачката на комисијата, Адина Јоана Валеан, која е романска конзервативка, посетата на Тунберг ја нарече „спектакуларен“ крај на овој мандат на комисијата.
Тунберг и натаму е многу приземна. За „Политико“, Европскиот парламент го опиша како место во кое „сè е многу површно, сите глумат, никој не се покажува во вистинско светло и сите само се заинтересирани за титули“.

Но за Хармс, вревата околу појавувањето на Тунберг треба да се претвори во притисок за правење на тешки компромиси кои се потребни за да се намалат штетните емисии на јаглерод диоксид. По состанокот Хармс наведе дека „Грета создава огромна динамика, но досега не се сретнале со паметни и зрели политичари што ќе се занимаваат со климатските промени“.

– Оние кои сериозно се занимаваат со климатски политики нема само да чекаат на ред да се фотографираат со Грета, туку ќе почнат да објаснуваат дека постојат многу можности за да се подобри политиката за заштита на климата и зошто понекогаш не успеваме кога се залагаме за построги закони – порача таа.

Подготвила: Билјана Здравковска