Ракометарите на Металург го освоија првото место на силниот меѓународен турнир во Гренобл, Франција, откако во финалето ја совладаа силната екипа на Ирун Бидасоа од Шпанија, со 32-31.
Во неизвесен натпревар, металурзите имаа поцврсти нерви и триумфираа со голот на Александар Шпенде буквално во последната секунда. Шпенде беше прогласен и за најдобар играч на турнирот, а Даниел Дупјачанец за најдобар голман. Во првото полувреме Шпанците тргнаа силовито и имаа константно водство од 3-4 гола, се до 15 минута кога Металург успеа да се соземе и да се закани, но тогаш судиите донесоа една контроверзна одлука за исклучување на две минути за Јагуриновски, кој во тој момент беше на клупата.
Ова делуваше депримирачки на екипата на Металург, па противникот се одлепи на шест голови разлика 12-6. Со борбена игра Металург ја намали разликата за два гола, но повторно чудна одлука на француските судии и повторно исклучен Јагуриновски за неправилна одбрана на линијата. По ова воопшто не беше лесно да се игра, но избраниците на Брестовац не потклекнаа, Дупјачанец успеа да фати неколку клучни топки и на полувреме се замина со минус од само три гола 17-14.
Второто полувреме донесе уште подобар и порасположен Металург, Дупјачанец има нова серија одбранипа во 37 минута веќе беше 19-18 за нашата екипа. Во наредниот период нашиот голман има свое шоу, играчите добија крила и во 38 минута имаа водство 24-20. До крајот многу возбуда, Шпанците израмнија на 10 секунди до крајот, но Шпенде се вивна високо и го реши пообедникот на овој турнир.
Турнирот Мастерс де Хендбол има традиција од 2002 година и досега на него учествувале бројни екипи од кремот на европскиот ракомет. Годинава покрај Металург и Ирун Бидасоа, настапија и француските екипи Истр и Гренобл. Ако се има во предвид местото и улогата на Франција и Шпанија во европскиот и светскиот ракомет, тогаш станува уште појасна сликата за конкуренцијата во која настапи Металург. За потсетување, во полуфиналето, вчера екипата од Автокоманда го совлада домаќинот, Гренобл со 27-26. Претходно денеска, во борба за третото место, се сретнаа француските екипи, домаќинот Гренобл и прволигашот Истр. Победија гостите со 28-26.
Марјан Велевски од Гренобл специјално за „Нова Македонија“