Министерот за економија Крешник Бектеши најави одземање на концесиите за работа на новиот каменолом во село Лабуништа, чие затворање го бараа жителите на овој регион. Тој ја соопшти одлуката по денешната средба со жителите на селото.
– Денеска сме тука за важна работа што ги засега сите жители на Лабуништа, на општина Струга и околината. Ние како Министерство за економија, сме одговорни за спроведување на законите и правилниците по законските акти од минерални суровини, каде што спаѓаат варовниците и другите концесии. Информиран сум пред неколку месеци за барањата на жителите на село Лабуништа, но треба да се има в предвид дека ние како Влада треба да ги запазиме сите процедури за тоа како се даваат и одземаат концесиите. За издавање на концесија се добиваат неколку мислења. Тоа е процедура за сите концесии во Македонија. Ние не бегаме од граѓаните, сакаме со нив директно да комуницираме и да најдеме најдобро решение – порача Бектеши.
Тој нагласи дека од утре почнува повлекувањето на механизацијата над селото, која што беше истакната како најголем проблем, додека на другите две концесии им е даден рок и тие нема да проработат.
– Ние веќе испративме инспектори согласно со Инспекторатот за техничка инспекција и животна средина кои ги изготвија нивните извештаи, но истовремено разговарав и со сопствениците на концесиите. Еден од нив сам се откажа од концесијата над селото која што беше најголем проблем. Од утре ќе почне повлекувањето на целата механизација таму. Што се однесува до другите концесии, две од нив се речиси во селото. На нив им е даден рок и тие нема да проработат. Тие концесии се дадени во 2016 година и Министерство за економија побара ревизија за начинот на издавање на концесиите, што укажува дека за кратко време ќе бидат одземени од страна на Владата. Ова го правиме, не само поради инцијативата, туку бидејќи и ние мислиме дека не е во ред да има шест концесии во населено место со 10 илјади жители. Тоа не е според начелата за заштита на животна средина, но и според начелата за подобрување на животот на граѓаните. Тој не може да се подобри доколку се уништуваат природните богатства. Се отвораат нови работни места, но нема компромис со здравјето на граѓаните. По одморите пак ќе дојдеме тука и заеднички ќе ги видиме резултатите што ќе произлезат од овие одлуки – изјави министерот.
Жителите на Лабуништа и околината претходно протестираа против концесиите, сметајќи дека природните убавини од подножјето на планината Јабланица се под закана. Од месноста Стрижак се снабдуваат со вода населбите Јабланица, Боровец и Лабуништа, а од оваа вода зависат 15.000 жители.