Мостот Моранди во Џенова имаше бројни структурни проблеми уште од неговата изградба во 60-те години на минатиот век, што доведе до скапите трошоци за одржување и до жестоките критики од градежниците и инженерите во пресрет на вчерашната несреќа во која се сруши дел од 200 метри, пренесуваат светските медиуми.
Мостот чија изградба траеше од 1963 до 1967 година е дело на италијанскиот инженер Рикардо Моранди, кој го употреби неговиот патент „Моранди 5“ односно техниката на преднапрегнат засилен бетон за конструкцијата.
Интернет-страницата посветена на инженерството „инџењери.инфо“ објави анализа во која се потенцира оти отсекогаш постоеле „структурни сомнежи“ за мостот, нарекувајќи го „трагедија која што се очекувало да се случи“.
Мостот беше зафатен од сериозни проблеми предизвикани од корозија, поврзани со начинот на изградба. Моранди сакаше да ја користи техниката што ја патентирал, а која подоцна не беше употребувана, бидејќи се покажа како неуспешна – објаснува Антонио Бренчич, професорот на универзитетот во Џенова, што се занимава со оваа тематика.
Надлежните институции во Италија распишале тендер во вредност од 20 милиони евра за градежни работи на надвозникот, што опфаќале засилување на каблите на мостот, вклучувајќи ги оние на делот што се сруши.
Дел од носечките кабли, поставени во 80-те и во 90-те години, беа заменети во раните 2000-ти години. Мостот Моранди, по кој годишно поминуваат 25 милиони возила, требаше да има век на траење од околу 100 години, а можноста за негово уривање беше разгледувана уште во 2009 година.
Италијанскиот министер за транспорт побара оставки од водечките луѓе на компанијата „Аутостраде пер Италија“ која управувала со мостот.
– Го искористив мојот мандат за да ја почнам постапката за повлекување на концесијата од овие компании и да барам значителни санкции – кажа министерот Данило Тонинели.
Одговорност побара и неговиот заменик Луиџи ди Мајо.
– Одговорните за трагедијата во Џенова имаат име и презиме, а тоа е „Аутостраде пер Италија“. Компанијата имаше обврска да го одржува мостот, но не го стори тоа – напиша Ди Мајо на Фејсбук.
Најавена е истрага за утврдување на причините за несреќата во која загинаа најмалку 37 лица. Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини порача дека одговорните „ќе платат за тоа што се случи, и тоа ќе платат скапо“.