Случувањата околу и во ВМРО-ДПМНЕ и понатаму актуелни. Министарката за правда Рената Дескоска вчера порача да нема амнестија за насилствата во Собранието од 27 април минатата година, а Специјалното јавно обвинителство побара и доби Основениот суд Скопје 1 да изрече привремена мерка за обезбедување на имот на најголемата опозициска политичката партија во државава.
Како што соопштија од СЈО, со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.
– Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката, велат од СЈО.
Истрагата за „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, а постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра. Во истрагата осомничени се 14 лица, а меѓу нив е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Дел од истрагата е и изградба на главното седиште на партијата во Скопје од страна на градежната фирма Бетон.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес-конференција рече дека за првпат во Република Македонија и во Европа се бара замрзнување имот на опозициска партија.
-Партиското, непрофесионално и селективно Специјално јавно обвинителство еден месец после референдумскиот дебакл на Заев и СДСМ, побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а судиите Весна Димишкова и Седат Реџепагиќ, без никаква основа веднаш скокнаа да помогнат и да донесат позитивна одлука по барањето на СЈО, нагласи Јанушев.
Според него, барањето на СЈО и Одлуката на судиите Димишкова и Реџепагиќ се целосно неосновани и без никаква правна аргументација. Барањето на СЈО и одлуката на судиите се исклучиво, и исклучиво политички мотивирани. Јанушев смета дека ова е случај на класичен политички прогон и политичко насилство со кое што директно се задира во правата на граѓаните да се организираат и да делуваат.
Дескоска од Охрид, каде учествува на работилницата посветена реформите на правосудниот систем, по однос изјавата на премиерот Зоран Заев во Собранието за помирување, рече дека тоа е став што треба да се поддржи, да се разговара во поширок контекст, но оти амнестија за насилствата во Собранието од 27 април минатата година не смее да има. Според неа, станува збор за настан што оставил не само лична траума на луѓе, туку и траума врз целото општество.
– Ние во рамки на реформската агенда мора да покажеме подготвеност како држава да процесуираме и да дојдеме до степен на одговорност за случаите што ги води СЈО, како и за случувањата од 27 април, истакна Дескоска.
За помирувањето, таа рече дека тоа би бил некаков процес на разговори, преку формирање тело во Собранието, чиј состав се уште не е дефиниран ниту во моментов е познато како тоа би се формирало.