ЕУ до крајот на неделата ќе донесе одлука дали договорот за брегзит е можен, францускиот претседател, Емануел Макрон му порача на британскиот премиер, Борис Џонсон.
Макрон рече дека разговорите сега треба да се одвиваат брзо за да се види дали договорот може да ги „почитува“ принципите на ЕУ.
Џонсон пак смета дека ЕУ не треба да биде „заведена“ во размислувањето дека ќе има одложување на брегзит по 31 октомври.
Борис Џонсон во телефонски разговор му кажал на Макрон дека верува оти може да се постигне договор, но дека ЕУ мора да одговара на компромисите направени од Велика Британија.
Претставник на француската влада изјави дека претседателот Макрон му рекол на Џонсон „дека преговорите треба да продолжат брзо со тимот на Мишел Барние во наредните денови, со цел да се процени на крајот на неделава дали е можен договор што ги почитува принципите на Европската Унија“.
Коментарите доаѓаат пред клучните неколкудневни преговори, кога обете страни се обидуваат на време да најдат нов договор за самит на европските лидери на 17 и 18 октомври.