Форин полиси
Јужноамериканската држава собра еден од најголемите арсенали со оружје во западната хемисфера. Како да се спречи да падне во погрешни раце
Во изминатите две децении, Венецуела собра еден од најголемите арсенали со оружје на западната хемисфера. Додека се влошува безбедносната состојба во државата, шансата за арсеналот да заврши во погрешни раце претставува голема закана по регионалната безбедност. За САД и за регионалните партнери треба да биде главен приоритет тоа што Венецуела набавува оружје од профитерски шверцери преку добропознатите шверцерски рути и герилските групи.
Венецуелскиот претседател Хуго Чавез и неговиот следбеник Николас Мадуро ја користеа заканата од „американска инвазија“ како изговор за да набават огромни арсенали со оружје главно од Русија. Меѓу 1990 и 2019 година, државата се стекна со руско оружје вредно милијарди долари, воедно финансирано преку руски заеми.
Иако поради недостигот на транспарентност речиси е невозможно да се направи прецизен финансиски извештај, во изминатите неколку години владата на Венецуела ги купи руските најсовремени противавионски ракети „с-300“, увезе стотици илјадници пушки од марката „калашников“ и муниција, а исто така и набави 5.000 противавионски ракетни фрлачи „игла-с“. Ова беше покажано пред јавноста на воените паради во Венецуела или во незаконски објавените воени договори. Несомнено е дека венецуелската армија располага со разни други огнени оружја и воена опрема.
Безбедноста на овие оружја исто така е доведена во прашање. Со тоа што власта на Мадуро е разнишана, лесно е да се предвиди иднина во која корумпираните генерали ќе тргуваат со значителни делови од нивните арсенали, за брзо да се збогатат пред да избегаат од пропаднатата влада. Дури и Мадуро да остане на чело на ослабените вооружени сили, сепак постои причина за загриженост за незаконско тргување со оружје и воена опрема. Венецуелската војска е силно корумпирана, долги години е поврзана со регионалните герилски и криминални групи кои го поддржуваат Мадуро и веќе игра активна улога во шверцувањето на дрога и оружје преку венецуелската територија.
Недржавните актери одамна ги искористуваат политичките немири во Венецуела како и слабите граници со Колумбија и со Бразил за да изградат упоришта и да ја консолидираат нивната моќ на огромни територии под ничија контрола.
Колумбиското герилско движење (ЕЛН) одамна е присутно во Венецуела и соработува со војската. Под власта на Чавез и на Мадуро таквите групи најдоа идеолошки партнер и извор на поддршка. Имаше повеќе извештаи за тоа како венецуелската војска директно ги вооружува герилските групи и дури им отстапува територии и им доделува раководни улоги според кубански инспирираната доктрина за „дисперзирана одбрана“. Слично на тоа, венецуелскиот режим покажа подготвеност да ги вооружи паравоените колективи за да ја одржува репресивната контрола во урбаните области.
Бразилските групи за шверц на дрога исто така ќе имаат корист од можниот колапс на власта во Венецуела. Новоформираните бразилски групи како „Северна фамилија“ и доминантната „Прва главна команда“ (ПКК) се присутни во неколку држави во регионот. Бразилските банди, особено ПКК, веќе беа откриени како шверцуваат венецуелско оружје во Бразил.
Ако Каракас падне, тогаш ќе биде тешко да се спречи одливот на оружје што ќе има страшни последици по регионот. Препродавањето на противавионските ракетни фрлачи особено претставува голема закана по цивилната авијација (дури и воените авиони и дроновите). Иако се преносливи, лесно се кријат и се крадат, сепак тие тешко се детектираат. Од позиција на кров на зграда, со моделот „игла-с“ што го поседува венецуелската војска може да се собори цивилен авион кој лета под 6.000 метри и на оддалеченост од 6,5 километри.
Групите како ЕЛН и можеби „Сетас“ од Мексико пројавија силен интерес за противавионските ракетни фрлачи со тоа што дел од овие групи веќе успешно се снабдија со овие оружја, според едно истражување за посед на огнено оружје. Во краткиот преглед од 2017 година на Стејт департментот беше нагласена разорната моќ на противавионските ракетните фрлачи, со тоа што се користеле во 40 напади врз цивилни авиони од 1975 година, од кои 28 биле соборени.
Освен тоа, ширењето на поконвенционалните оружја, вклучувајќи ги и шверцуваните од САД, ќе им овозможат на криминалните групи да прават хаос и да предизвикаат проблеми за властите во регионот. Герилските групи и другите транснационални криминални организации ја претпочитаат употребата на пушките марка „калашников“, снајперите и експлозивите „ц-4“ како стандардни алатки за терористички напади, грабежи и напади на безбедносните сили. Венецуелската армија поседува голем арсенал од нив и наскоро би можеле да се најдат на пазарот. Уште поалармантни се извештаите дека долгоочекуваната руска фабрика за „калашников“ треба да започне со работа во Венецуела при крајот на оваа година, во која треба да се произведуваат дополнителни 25.000 пушки годишно.
Минатите обиди за контрола на одливот на огнено оружје не влеваат доверба. На пример, американската противавионска ракетна програма „стингер“ во Авганистан во текот на 1980-тите години беше катастрофална за тамошните руски воени напори. Сепак, ЦИА сè уште ги купуваше исчезнатите „стингери“ на црниот пазар, дури и во 2005 година со тоа што успеа да врати само мал дел од опасните оружја кои претходно се користеа на бојното поле. Во случајот на Венецуела, наместо да го контролира шверцот на огненото оружје, руските војници стационирани во Каракас ракуваат со посложени оружени системи, како што се противавионските ракети кои се распоредени во близина на главниот град.
Подготвила: Билјана Здравковска