Скопје, Белград и Сараево се соочуваат со хроничен проблем на загадувањето на воздухот, што делумно се должи и на невообичаено топлото време за овој период од годината.
Скопје изутринава се најде на петтото место на градови со најзагаден воздух во светот, со 158 ПМ10 честички на метар кубен (вчера беше на десеттото место), додека Белград ја зазема четвртата (169 ПМ10), а Сараево третата позиција (179 ПМ10). Загаденоста во Куманово, исто така беше на алармантно ниво во изминатите неколку дена.
Нивоата на ПМ10 честички во Белград во изминатите денови беа и повисоки од 200 микрограми на кубен метар, според српската Агенција за заштита на животната средина. Слична е состојбата и во Нови Сад, Панчево, Ужице… А ваквата ситуација влијае врз здравјето на населението.
– Забележавме зголемување на респираторните инфекции во изминатите десет дена – вели д-р Снежана Рсовац од белградската педијатриска клиника во изјава за РТС.
Високиот атмосферски притисок и отсуството на ветер го задржуваат загадениот воздух над Белград, посочуваат тамошните експерти.