Градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков за годинава најави дека ќе се стави во употреба стариот влез од автопатот „Пријателство“ во Гевгелија, што се наоѓа во близина на селото Мрзенци.
-Ова ќе создаде можност да се реконструира и патот што во продолжение поминува покрај старата бензинска пумпа на „Макпетрол“, мотелот „Вардар“, локалитетот „Милци“, каде се предвидува градење на мултинаменски трговски центар, а завршува на граничниот премин Богородица, рече Поцков.
Патот оди паралелно со автопатот „Пријателство“ и претставува дел од некогашниот автопат „Братство и единство“, а на овој проект, како што истакна Поцков, ќе се инсистира со цел повторно да заживее овој дел од градот.
Поцков очекува проектот да биде дел од проектите за изградба и реконструкција на локални патишта, за кои Министерството за транспорт и врски годинава ќе издвои 50 милиони евра, поради што му наложи на одделението за урбанизам да подготви план и за овој пат за што финансиски се подготвени да учествуваат и фирмите кои се наоѓаат во тој дел од градот.