Пад на цените четири недели по ред не е забележан од март минатата година. Во минатото, секое покачување на цените на нафтените деривати се одразуваше и врз цените на производите во малопродажба, но дали сега може да очекуваме намалување врз другите производи?
Ќе повлече ли падот на цената
на нафтата и други поевтинувања
Цените на нафтата на светските берзи паднаа и минатата недела, четврта по ред, бидејќи трговците стравуваат дека новиот бран на ковид-19 во Европа би можел да го забави закрепнувањето на економиите од корона-кризата, а се плашат да продаваат нафта од стратегиските резерви. Пад на цените четири недели по ред не е забележан од март минатата година, а пред еден месец цената на барелот на лондонскиот пазар беше на највисоките нивоа во последните три години, а во САД во последните седум.
Притисокот врз цените е последица на заканата на Вашингтон да посегне по нафта од резервите. Владите на група водечки светски економии го разгледуваат предлогот на САД за продажба на нафта од стратегиските резерви на координиран начин за да се запре растот на цените. Се поставува прашањето дали падот на цените на нафтата на светските берзи ќе се одрази врз одлуката на регулаторот. Цените на нафтата, освен врз граѓаните, голем удел имаат и врз економијата. Како што веќе бевме сведоци, секое покачување на цените на нафтените деривати се одразуваше и врз цените на производите во малопродажба, но дали сега може да очекуваме намалување врз другите производи?
– Цените на нафтата, како и на секој производ, зависат од понудата и побарувачката на пазарот. Состојбата со пандемијата предизвикана од ковид-19 многу влијае на падот на побарувачката и со тоа на падот на цените на нафтата.
Како ова ќе се одвива во иднина, најмногу зависи од завршувањето на пандемијата и растот на економиите, но исто така и од договорите на големите играчи во овој сектор. Можно е забрзаниот раст по завршувањето на пандемијата да влијае на зголемување на побарувачката, а со тоа и раст на цените на нафтата. Но многу е важно дали големите производители и извозници на нафта можат повторно да договорат „контролирано“ производство со Русија или секој ќе произведува колку што сака – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Како што нагласува тој, во Македонија нафтата е интересна само како инпут во трошоците за производство на многу производи и како трошок во транспортот.
– Не верувам дека падот на цените на нафтата ќе доведе и до пад на цените на другите производи на пазарот, затоа што истовремено имаме голем раст на транспортните трошоци и други суровини, кој е предизвикан од корона-кризата и последиците од неа – појаснува Димитров.
Цената на горивото заедно со сите свои фискални давачки, според Биљана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“, најчесто е најбитен елемент за обезбедување прилив на средства во буџетот на секоја држава, па и во нашата. Како што истакнува таа, ова е поткрепено и со фактот дека во 2020 година, кога имаше енормно паѓање на набавнaта цена на нафтата на светската берза, во нашата држава се зголеми акцизата за три денари, сѐ со цел да нема енормно намалување на средствата што се слеваа во буџетот.
– Во однос на влијанието на цената на горивата на сите други производи, како што се репроматеријалите, производи за широка потрошувачка и други, во земјите-членки на ЕУ, па и во Србија, воведен е заштитен механизам за намалување на влијанието на растот на цената на горивата преку законска обврска за враќање на дел од акцизата на превозниците што вршат јавен превоз на стока и патници. Со оваа можност, која значи и реципрочно враќање на акцизата од сите земји каде што се полни гориво, директно се влијае на намалување на транспортните трошоци по единица производ, а со тоа и намалено влијание на инфлацијата – потенцира Муратовска.
Според неа, доколку навистина регулаторот го следи движењето на цената на горивата на светската берза, потребно е сразмерно и кај нас да се намалува малопродажната цена на горивата.
– Потребно е да се усогласи Законот за акцизи со европската директива за поврат на истата таа, за да се почувствуваат влијанието и стабилизација на ценовниот шок, а со тоа стабилизација и на цените и сите производи што се земаат за превоз, би се постигнало и поголема конкурентна способност на нашите превозници во споредба со другите од регионот и од земјите-членки на ЕУ. За жал, иако со години бараме усогласување со ЕУ-регулативите од оваа област, во почетокот на годината, со измена на Законот за акцизи, поврат на акциза им се овозможи само на потрошувачите на масло за греење, кое беше со најниска малопродажна цена, со најмала вградена вредност на акцизата, а наводното изедначување на висината на акцизата со другите горива се избегна со можноста што се даде да им се врати дел од акцизата – посочува Муратовска.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски, вели дека најавата за карантин во одредени земји во Европа и заострувањето на мерките како информација сама по себе е ценовно чувствителна и веднаш штом таа беше објавена во јавност, се рефлектира врз берзата.
– Генерално, берзата за нафтените деривати низ овој период се покажа како исклучително сензитивна на секоја информација во однос на ковид-19 и процесот на враќање во нормала или затворање. Реализацијата на најавените заострени мерки несомнено ќе влијае врз побарувачката на нафтата. Сепак, ако се анализира движењето на цените, трендот на отстапување во овие четири недели, односно надолна корекција на цените е исклучок затоа што во моментов има поголем пад кај деривати на резерва, додека кај суровата нафта цената се одржува на ниво од околу 80 долари за барел, што сепак е високо ценовно ниво – појаснува Бислимоски.
Тој додава дека во исто време освен што треба да се следат берзите, значајно влијание има и курсот на доларот, кој се зголемува.
– Регулаторната комисија за енергетика секој понеделник ги објавува највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати, кои се пресметуваат по методологија што е речиси идентична кај сите земји што се зависно увозни од сурова нафта, а принципите што се применуваат се дефинирани во согласност со пазарните услови (понуда – побарувачка), кои ги дефинираат светските производители на нафта и нафтени деривати. И нашата држава има најповолни цени на нафтените деривати во споредба со регионот – споменува Бислимоски.