Иако Македонија е земја со најевтина туристичка такса во регионот, сепак, првиот човек на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски, истакнува дека истата таа не се плаќа. Тоа претставува еден од посериозните проблеми во македонскиот туризам.
– Туристичка инспекција не постои, сè уште немаме воведено и можеби во овој сегмент сме последни на Балканот. Според бугарската статистика, лани Македонија ја посетиле околу 350.000 Бугари, а ние сме успеале да „изброиме“ од 70.000 до 80.000, што покажува дека нешто навистина не е во ред. Моделот за субвенционирање десет години не е сменет, иако одамна не го дава посакуваниот ефект. Мора еднаш да се соочиме со фактите, да ги кажеме отворено и да почнеме да ги решаваме работите.
Мора, конечно, максимално сериозно да сфатиме дека туризмот е исклучително моќна алатка за развој на државата – посочува директорот на Агенцијата во интервју за МИА.
Јаневски најавува измени на законската регулатива, формирање т.н. дестинациски бироа, креирање стратегија во соработка со експерти од Светската банка, како и уште поголема отвореност кон домашните и странските туроператори. Тој истакнува дека императив следната година ќе бидат романските, шпанските, италијанските туристи, но секако и домашните и оние од регионот.