Измените на Законот за минерални суровини, забелешките и дозволите за концесии, нивните последици, деталните геолошки истражувања, како и транспарентноста кон граѓаните, беа тема на дискусија на денешниот брифинг одржан од Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“. Во соработка со Министерството за економија, направени се измени на повеќе од половината членови на предлог-измените и постигната е согласност за значителен дел од предлозите на техничко-технолошките и правните аспекти.
Во врска со значењето на учеството на јавноста во донесување на сите постапки и процедури, на брифингот говореше Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
– Законот за минерални суровини има најголеми и неповратни последици по животната средина. Имаме хидројаловишта кои не можеме да ги избришеме и остануваат вечно. Имаме и голем број други концесии кои несовесно се искористуваат. Со природните ресурси не се постапува совесно, ниту се штити природната средина – посочи Чакулев.
Како што објасни таа, при разгледување на законот за минерални суровини нема никакво учество од страна на јавноста.
– Нашата држава уште од 1999 година е потписник на Архуската конвенција, со која јавноста има право да учествува во носење на одлуки поврзани со заштита на животната средина. Меѓутоа, во овој закон за суровини нема никакво учество на јавноста – објаснува Чакулев.
Затоа, потребна е транспарентност за издавањето на концесии и учеството на јавноста да биде со одржување на јавни и задолжителни расправи, да се запази рокот за доставување на забелешки од локалното население и тие забелешки да бидат обврзителни за носење на одлуките за концесии.
– Тука се споменува и законот за прекршоци. Сегашната верзија предвидува намалување на глобите, што е неоправдано и несразмерно со последиците од овие концесии. Во постапка е доставена и измената на овој за кон за прекршоци, според кој глобите се зголемени и уште неколку измени на законот за прекршоци – вели Чакулев.
Лилјана Поповска од Зелен институт посочи дека целата контрола со рудниците е дадена само во рацете на рударските инженери, додека останатите експерти се исфрлени. Според измените во законот, дефиниран е просторот за експлоатација на минерални суровини, како и внесената обврска концесионерите при изведување на рударските работи да управува со инсталацијата за отпад од минерални суровини согласно со Програмата за спречување на значителни опасности, во случај на хидројаловиште да се грижи за стабилноста на браната, како и за заштита на подземните води и почвата.
– Законот не одговараше на закон за скратена постапка, бидејќи од вкупно 145 членови на целиот закон за минерални суровини, дури 75 членови беа опфатени во оваа скратена постапка. Секој од овие членови имаше по 4-5 измени, односно вкупно околу 400 измени. Поради сето тоа, потребно беше законот да се врати на доработка – изјави Поповска.
Таа објасни дека се задоволни од соработката со министерството за економија, кое ги чуло нивните аргументи и забелешки. Сепак, остануваат прашања за кои е договорено дополнително да се расправа, како што се обезбедувањето транспарентност на процедурите во сите фази од издавање на концесии, што е во согласност со Архуската конвенција, регулацијата на хидројаловиштата, рекултивацијата на деградираните простори и усогласеноста со Законот за водите. В.Т.