Расцепканоста на парцелите, заостанувањето зад современите трендови во производството, неорганизираноста, немањето стандарди и стратегија и големата пазарна надмоќ на откупувачите ги принудуваат земјоделците евтино да продаваат, а граѓаните скапо да ги плаќаат земјоделските производи
Викендов бевме сведоци на протестите и на истурањето на големи количества грозје пред една од домашните винарници поради незадоволството на лозарите од цените и од условите за откуп. Неколку дена претходно и оризопроизводителите, исто така, се закануваа со протести поради ниската откупна цена што им била понудена за откуп на оризот. Незадоволството од откупните цени што ги добиваат земјоделците се повторува секоја година, само се менуваат актерите.
Иако земјата има солидни предуслови за земјоделско производство, сепак од година на година производството се намалува, што делумно се должи на незадоволството на земјоделците, кои се откажуваат од производството поради ниските откупни цени. Агроекономистите укажуваат дека расцепканоста на парцелите и производството на мали парцели го поскапуваат производството и дека тоа е една од причини што го прави домашното производство неконкурентно. Експертите додаваат дека се потребни повеќе мерки што ќе создадат услови за порентабилно работење, но и поисплатливо производство за земјоделците.
Производството сѐ уште не е стандардизирано
Професорот од Земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев, вели дека регулацијата на пазарот не е работа на државата и таа не би требало да ја презема таа улога при дефинирање на цените на земјоделските продукти.
– Светските берзи ги диктираат и цените кај нас, па ако таму цените се пониски, ќе бидат и кај нас. Откупувачите ги бараат најниските цени за да можат и тие да заработат, но дополнително што кај нас има и други проблеми. Организирањето на откупот е тежок процес, се правеа повеќе обиди да се организира истиот тој, се прават откупни центри, се организираа и веб-сајтови со цел преку нив да се организираат земјоделците, да можат да пронајдат најсоодветен купувач, но истите тие имаат слаба примена. Посебен проблем е што земјоделците обично се принудени побрзо да ги продаваат производите бидејќи истите тие не траат долго, а немаат каде да ги чуваат, па ги даваат и по пониски цени. Ова е доста комплексна тема, која бара повеќе решенија – кажа Чукалиев.
Професорот исто така посочи дека иако има многу начини за организирање, сепак, во практика кај нас многу тешко се организираат земјоделците да настапуваат заеднички при продажба на производите.
– Прво е тешко да се организираат домашните производители да произведуваат или да одгледуваат исти производи, односно од исти семиња, и ние сѐ уште немаме стандардизација во производството. Можеби е добро што имаме диверзификација, разноликост, но кај големите откупувачи што целат на пазари со големи производства, потребно е да се организираат земјоделците и да понудат исто производство, да ги задоволат нивните стандарди, кај нас тоа сѐ уште е постигнато… Еден пример за добра организација што би го истакнал е производство во Турција на еколошки производи, органска храна, кои не користат никакви препарати и чие производство е директно организирано. Самиот производител има над 30 илјади купувачи, нема прекупувачи, туку со директна комуникација, без посредници, продаваат по повисоки цени, и на тој начин производството им е исплатливо – објаснува Чукалиев.
Пазарната надмоќ е кај откупувачите
Од друга страна, неговиот колега Драги Димитриевски, од Институтот за агроекономика при Земјоделскиот факултет, посочува дека системска слабост на домашното земјоделско производство се ниските приноси, слабиот принос по хектар поради расцепканост на земјиштето што е карактеристично за домашните земјоделци.
– Дури и со воведување современи технолошки мерки за обработка на земјата, домашните земјоделци не се во можност да ги постигнат посакуваните ефекти поради расцепканоста на земјата. Дополнително во руралните средини или средините каде што традиционално имаме земјоделско производство се случува еден процес на отселување, особено на младата популација, па во обработка на земјата доминираат повозрасни граѓани, постари лица, кои е многу тешко да се едуцираат и да се воведуваат нови начини на обработка или нова современа технологија. Поради овие причини цените за производство на земјоделските продукти се повисоки, а откупот се движи во согласност со светските цени. Поради овие причини се наоѓаме во една контрадикторна ситуација, цените за производство на домашните производители растат и тие не се задоволни со откупната цена што ја добиваат од откупувачите. Пазарната надмоќ е кај откупувачите, кои ја диктираат цената, бидејќи конкурентската способност на земјоделците е намалена – вели професорот Димитриевски.
Дали решението е во задругарството?
Според него, за да се надминат проблемите во земјоделството, неопходно е земјоделците да се организираат во задруги, кои се на некој начин алатка за организирано производство. Исто така посочува дека е потребно окрупнување на парцелите, со што ќе се создадат услови за пониски производни цени.
– Секако, покрај организирано производство и обработка на поголеми земјоделски парцели, неопходна е и едукација на земјоделците, за да можат да вложуваат во нови технологии и да управуваат со земјиштето порентабилно. Потребни се мерки што ќе придонесат кон поорганизирано производство. Процес што не е брз и процес што не може да се реализира без млади земјоделци, а со депопулацијата што се случува во земјоделските средини, тешко дека ова ќе се постигне. Во Македонија веќе се чувствува намалување на производството на одредени продукти, што секако се должи и на фактот дека младите земјоделци заминуваат и сѐ помалку се обработува земјата. Ова е процес на кој треба да се посвети внимание, за да се изнајдат и да се воведат соодветни мерки со кои ќе се надминат проблемите. Дополнително во нашето опкружување, Србија, Албанија, во изминатиов период имаше сериозни инвестиции во земјоделството, кои сега резултираат со масовно производство што го надминува нашето и се наметнаа како сериозни играчи – посочува Димитриевски.
Ниту земјоделците ниту купувачите не се задоволни од цените
Наспроти проблемите со кои се соочуваат земјоделците со ниските откупни цени, граѓаните од друга страна во малопродажба производите ги купуваат по значително повисоки цени од откупните. Ниската откупна цена ги демотивира земјоделците, а високата продажна ги ограничува граѓаните при изборот на продуктите за домашната трпеза. Ваквата состојба, според познавачите, се должи на слабата преговарачка моќ на производителите.
– Слабата пазарна моќ на производителите ги стави во ситуација кога не можат да преговараат за цената, дополнително што од производителите до крајниот потрошувач има откупувачи, трговци, кои исто така ставаат своја маржа, па до крајниот потрошувач производите се многу поскапи отколку што се откупуваат од производителот. Се создава ситуација кога ниту земјоделецот ниту купувачите не се задоволни од цените и тука има механизми со кои може државата да интервенира. Не е државата таа што треба да откупува, туку таа треба да направи механизми со кои ќе се овозможи подиректна комуникација меѓу производителите и купувачите и на тој начин повисоки цени за земјоделците, а пониски за крајниот потрошувач – дополнува Димитриевски.