Иницијативниот Одбор на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка информира дека оствариле повторна средба со премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи. На состанокот било повторено барањето на Здружението за носење на закон со којшто државата ќе ги преземе побарувањата од физичките и правни лице депоненти на Еуростандард Банка и ќе ги обештети.
– Потоа државата да наплати од стечајната маса и воедно директно расчисти со криминалот со давање на неповратни кредити којшто се случувал во банката со години. Исто така, беше потенцирано дека сите пратенички групи во Собранието веќе ја дадоа нивната целосна поддршка за носење на предлог законот. Премиерот, и покрај првично изразената волја да се помогне, сега изјави дека тоа е спротивно на законските норми кои важат во нашата земја и дека државата не може да ги обештети оштетените физички и правни лица на „Еуростандард банка“ преку закон, затоа што такво мислење добил од меѓународните финансиски институции – се вели во соопштението.
„Тој воедно предочи дека Народната Банка навремено реагирала и презела се што е во нејзина надлежност во однос на нерегуларностите во работењето на Еуростандард банка, на што Иницијативниот одбор изрази негодување во врска со таа изјава наведувајќи дека токму под директен надзор и контрола на Народната банка над Еуростандард банка во текот на повеќе минати години се одвивал криминалот тежок речиси 60 милиони евра кои ќе недостасуваат во стечајната постапка за обештетување на оштетените депоненти. Исто така, беа потенцирани фрапантните 72% ненаплатливи и тешко наплатливи кредити од кредитното портфолио на фирми во банката наспроти 4,7% колкав што е сега просекот во банкарскиот систем во земјата, со што се покажува дека оваа разлика морала да биде видена од редовните контроли на Народната банка доколку биле извршувани. На основа на овие и други официјални податоци за состојбата на банката на денот за нејзино затворање, Иницијативниот одбор на Здружението го изрази својот сомнеж дека ненавременото делување на Народната банка во детектирање и санкционирање на злоупотребите коишто почнале да се случувале во банката пред повеќе години и постепено ескалирале, истата има одговорност и придонес во тешката состојба во која се наоѓаат оштетените физички и правни лица, а кои сега се оставени сами да се борат за исправање на оваа неправда и грабеж настанати без нивна вина“, се вели во дописот на оштетените штедачи.
Според нив, изјавата на премиерот дека веќе се покренати кривични пријави и други мерки што се во надлежност на Јавното обвинителство, членовите на Иницијативниот Одбор ја поздравува и изразува надеж дека одговорните лица ќе бидат изнесени пред лицето на правдата и за сторениот криминал ќе одговараат со своите лични имоти и имотите на нивните семејства за покривање на загубите од криминалот направен во Еуростандард банка.