Од понеделник 324.000 пензионери ќе земат пензии повисоки за 722 денари, соопшти вицепремиерката Мила Царовска.
– Од идната недела 324.000 пензионери ќе земат пензии повисоки за 722 денари. Зголемувањето го правиме откако го стабилизиравме пензискиот систем со пензиската реформа и за една година успеавме да го намалиме дефицитот за над 3,7 милијарди денари. Навистина ми е драго што со ова зголемување успеавме да одговориме на барањата на пензионерите, односно дополнителното трето усогласување на пензиите, освен според економскиот раст од над 4 проценти да се прави и кога имаме годишен раст на минималната плата над 15 % и раст од 5 % на просечната плата. Со ова зголемување и дополнителните усогласувања до крајот на годинава просечната пензија очекуваме да се зголеми на 15.500 денари, што е вкупен раст од 1.746 денари за три години – истакна Царовска.
Вицепремиерката дополни дека зголемувањето на пензиите се прави плански и во услови кога Фондот е во добра кондиција, со оглед на зголемените уплати на придонеси врз основа на растот на платите и зголемената вработеност.
– Оваа Влада освен што вистински се грижи за сегашните, води сметка и за идните пензионери. За оваа година, за новата мерка субвенционирање на придонеси во зоглемување на плата, обезбедивме 2,4 милијарди денари. Овие средства ќе се слеат во фондовите на име придонеси и со тоа уште еднаш потврдуваме дека работиме чесно и одговорно – рече Царовска.
Директорот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи, рече дека со пензиската реформа фондот е стабилизиран, а главен показател за тоа е дека речиси цела година Фондот исплаќа пензии без позајмици.
– Приходите во ФПИО се зголемени за 10 отсто, а дефицитот е намален. Во 2018 година дефицитот бил 19,4 милијарди денари а во 2019 година 15,6 милијарди, што е значително намалување за само една година од кога почна со имплементација на пензиската реформа – посочи директорот Зенељи.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова изрази задоволство од вклученоста за време на донесувањето на пензиската реформа, како и од покачувањето на пензиите со кое секој еден пензионер, независно дали е корисник на старосна, семејна, инвалидска или минимална пензија ќе добие покачување од 722 денари.