Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) констатира дека цените на основните прехранбени производи растеле осум месеци во низа, заклучно со јануари оваа година, достигнувајќи го максималното ниво споредено со јули 2014 година. Ваквите ценовни шокови претставуваат нова закана за и онака нискиот стандард и на македонските граѓани, кои најголемиот дел од приходите го издвојуваат за храна. Кои се излезните решенија за надминување на ваквите состојби и за креирање стабилен систем на храна што ќе функционира во секакви околности
Цените на основните прехранбени производи во светот растеле осум месеци во низа заклучно со јануари оваа година, достигнувајќи го максималното ниво споредено со јули 2014 година, бележи Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО). Според домашните експерти, поради увозната зависност, ова значително ќе се одрази и врз македонските граѓани, кои најголемиот дел од приходите го издвојуваат за храна.
Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на живот во декември 2020 година забележа пораст од 0,4 отсто во однос на претходниот месец. Зголемувањето на индексот на трошоците на животот во декември 2020 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на маслото и маснотиите за 1,2 отсто, млекото за 0,8 отсто, месото за 0,6 отсто, јајцата за 0,5 отсто.
Како што вели претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, цените на земјоделските производи во светот осцилираат во зависност од производството, дали е зголемено или намалено, дали се влошени условите и дали се очекува на други простори производството да се намали.
– Пандемијата во која се најдовме ние, но и светот, многу влијае на трговијата, а со тоа и на формирањето на цените на еден производ. Бидејќи Македонија е зависна од увоз, нормално е да имаме поскапување на основните производи. Во државава пченицата се произведува колку за наши потреби, дури и се намалува поради нестабилноста на високата цена на производните трошоци, додека сончогледот и маслото од сончоглед се дефицитарни многу одамна – објаснува Станковски.
Тој напоменува дека се увезува сурово масло, кое се рафинира во готов производ и тогаш се пласира на пазарот, додавајќи дека во овие услови, кои значат нарушување на пазарот, големи осцилации значат покачување на цените и плаќање на многу повисоки и финансиски средства за истото потребно количество на производ во Македонија.
– Исто така и со шеќерот сме целосно зависни од увоз, порано битолската шеќерана произведуваше и за наши потреби, но и за извоз. Во криза како денешната, доволно е да се наруши транспортот и да се блокира Солунското пристаниште и ние остануваме и без основниот производ, па макар и поскап – истакна претседателот на „Агрофаланга“.
Според него, тие осцилации се очекувани, но влијае и факторот нагло зголемување на светското население што резултира со поголема побарувачка.
– Населението на планетава се зголемува многу брзо, малите економии драстично ја зголемуваат побарувачката и трошат поголеми количества. На пример, потребата за жито рапидно се зголемува и поради тоа цените растат. Русија почнува да предничи со производство на жито, рекордни производства постигнува од времето на феудална Русија, таа е најголем извозник на пченица и има договори со разни држави, сето тоа влијае на високата цена на пченицата – додава Станковски.
Тој вели дека најдобро решение и најстабилна цена би имале кога ние сами би произведувале количества што се за наши потреби и кои би ги финансирале. Во спротивно може да очекуваме ова да претставува нова закана за и онака нискиот стандард на граѓаните.
Според Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ), корона-кризата ги истакна важноста и потребата за стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени.
– Пандемијата исто така ја истакна улогата на земјоделските производители во синџирот на снабдување со храна. Треба да се развиваат и јакнат синџирите за снабдување на храна од домашното производство, бидејќи ковид-кризата направи нарушување во надворешната трговија – истакна Петровска-Митревска.
Таа додава дека во оваа насока ние треба да го штитиме нашето домашно производство и да не дозволуваме да станеме сто проценти зависни од увозната храна, нагласувајќи дека тоа ќе е страшно и за земјоделците, но и за сите граѓаните во државата, бидејќи ќе се купува многу поскапа храна.
– Во економските теории општопознат факт е дека кај сиромашните држави најголем дел од средствата оди за храна. Така се мери и животниот стандард на граѓаните, колку повисоко учеството на храната во вкупните трошоци толку посиромашна држава, а Македонија важи за сиромашна земја, со висок процент на исхраната во вкупните животни трошоци – објаснува поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини.
Како што вeли тој, Владата треба во пакет мерките предност да им даде на сиромашните слоеви на населението, дека е клучно да се поддржат сиромашните граѓани, но и процесот на образование мора да е во приоритетите на Владата, бидејќи изгубени години во образованието ќе се одразат врз државата по неколку години.
– Во насока на намалување на трошоците за исхрана на граѓаните државата треба да поттикнува домашно производство на храна, односно со поддршка да цели на домашните производители на храна за тие да покриваат поголем дел од домашните потреби – смета Хајредини.
Од Народната банка посочуваат дека просечната годишна стапка на инфлација во 2020 година изнесува 1,2 отсто и останува стабилна, иако е повисока во однос на априлските оцени за 2020 година.
– Динамиката на потрошувачките цени во домашната економија во 2020 година во најголем дел произлегуваа од цените на храната, кои се повисоки за 2,6 отсто, како и од позитивниот придонес на базичната инфлација, која изнесува 0,9 отсто. Ова е одраз на ефектите врз понудата од синџирите на снабдување поради пандемијата, но и нејзините ефекти врз структурата на побарувачката – споменуваат од НБРСМ.
За 2021 година и 2022 година, велат од Народната банка, тековните проекции се задржуваат непроменети и укажуваат на просечна инфлација од 1,5 отсто и 2 отсто, во услови на постепено закрепнување на побарувачката и умерен раст на увозните цени.
– Високата неизвесност во поглед на идната динамика на берзанските цени на примарните производи и понатаму останува главен ризик-фактор на проекцијата – додаваат од НБРСМ.
Според извештајот на ФАО, индексот на житата растел 7,1 отсто месечно. Цената на пченката пораснала 11,2 отсто и сега е за 42,3 отсто поскапа споредено со јануари 2020 година поради недоволните испораки и огромната побарувачка од Кина, како и намаленото производство во САД, и привременото запирање на извоз на пченка од Аргентина.
Цената на пченицата, пак, пораснала 6,8 отсто, поради зголемената глобална побарувачка и очекувањата за намалени продажби од страна на Русија, кога се очекува нејзиниот извоз на пченица да се удвои во март 2021 година.
Извештајот наведува дека огромната побарувачка од купувачите во Азија и од Африка ја зголемила цената на оризот. Додека, пак, индексот на цените на растителното масло во јануари пораснал на 5,8 отсто, највисоко споредено со мај 2012 година, додека шеќерот поскапел 8,1 отсто, млечните производи 1,6 отсто, а месото 1 отсто.