Големината на инвестицијата во фотоволтаични колектори за производство на електрична енергија, според упатените во енергетскиот сектор, ќе биде кочница за масовни вложувања кај домаќинствата
Колку владината поддршка за поставување фотоволтаични колектори придонесува за намалување на потрошувачката на електрична енергија од домашниот електроенергетски систем и воопшто кон намалување на зависноста од увоз на струја прашавме некои од македонските универзитетски професори, кои се скептични за можноста ова да стане масовна акција поради висината на трошоците за нивното инсталирање.
– Поставување фотоволтаични сончеви колектори на покривите на домаќинствата е долго барана и очекувана можност. Постои и економско и еколошко оправдување. Бројот на домаќинствата што ќе се решат да инвестираат, многу зависи од нивото на финансиската поддршка што ќе ја обезбеди државата. Следен елемент е и нивото на стандардот на домаќинството т.е. колку електрични апарати има вградено, особено ако има предвидено и греење со примена на електрична енергија – вели претседателот на Центарот за енергетска ефикасност (МАЦЕФ), Константин Димитров.
Наедно, Димитров даде и свое објаснување поради кое укажува дека мал дел од домаќинствата или граѓаните ќе се одлучи на ваков чекор.
– Тргнувајќи од реалната претпоставка дека поставувањето на четири киловати фотоволтаични сончеви колектори чини околу 4.000 евра, а државата обезбеди субвенции од 1.000 евра, нема да се решат да инвестираат голем број домаќинства. Причина е тоа што од расположивата енергија преземена од колекторите, просечно 30-35 отсто ќе се искористат во домаќинствата. Со тоа, инвестицијата би им се вратила назад на инвеститорот по 10 или повеќе години. Покачувањето на цената на електричната енергија би го скусило рокот за враќање на инвестицијата.
Секој четврти киловат-час (kVh) произведена енергија, значи за толку смалена емисија на штетни материи во атмосферата, при производство во термоцентралите на јаглен. А ако со тоа се заменат евентуално печките на дрва/пелети со топлинска пумпа, многу се смалува локалното загадување со штетни (дури и канцерогени) честици. Имам чувство дека државата/Владата повеќе ќе зборува за мерки за помош на домаќинствата отколку што ќе биде подготвена да финансира – причината е што ја губи наплатата на ДДВ за секој испорачан киловат-час преку дистрибутивната мрежа на ЕВН. Кај компаниите, примената на овие колектори е во секој случај позитивна, затоа што тие можат да ја искористат целосно произведената енергија (ако е предвидена во нивната базна потрошувачка). За секоја компанија е потребно да се направи посебна детална анализа, со земање предвид и на плановите за развој – објаснува Димитров.
Колку ваквите услови за поставување фотоволтаични колектори ќе придонесат да се намали потрошувачката на електрична енергија добиена од фосилни горива под прашање ја доведува универзитетскиот професор Димитар Димитров, кој истакнува дека не очекува драстична промена поради тоа што малку од домаќинствата можат да одвојат средства за толку сериозна инвестиција.
– Фотоволтаичен (ФВ) систем од четири киловати чини околу 3.000 евра. Ако домаќинството може за ФВ-систем да издвои толкава сума, тогаш тоа не е со ниски примања. Поради ова, ваква мерка не верувам дека ќе ја промени ситуацијата – вели универзитетскиот професор Димитар Димитров.
Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна информира дека министерството преку Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година ќе поддржи и набавка на фотонапонски панели за производство на струја.
– За субвенции за купување и инсталирање фотонапонски панели за производство на електрична енергија до четири киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење се наменети осум милиони денари, при што поддршката изнесува до 30 проценти, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство – посочи министерот.
Според Бектеши, корисници на оваа програма во категоријата на лица со ниски примања се сметаат оние што се вработени со месечни приходи до 30.000 денари, пензионери со нето-месечни приходи до 20.000 денари, како и ранливите категории приматели на социјална помош.
– Принципот „прв дојден прв услужен“ ќе се применува и оваа година, при што средствата од програмата наменети за секоја мерка одделно ќе бидат распределени според степенот на развој на секој од планските региони, за да се поттикне рамномерниот регионален развој. Распределбата по плански региони значи дека најмалку развиените региони во државата ќе добијат најголем дел од финансиската поддршка по сите четири мерки и обратно, најмалку средства се наменети за најразвиените региони во државата – објасни министерот.
Документацијата за аплицирање за добивање на овие субвенции е детално дефинирана во јавните огласи што се објавени на веб-страницата на Министерството за економија.