Во кавадаречкиот комбинат Фени производството на никел во мај надмина 1.000 тони произведен никел, а раст е забележан и кај извозот, соопштуваат од ЕуроНикел, подружницата на ГСОЛ во Македонија, која моментално работи со ФЕНИ Индустри.
Како што додаваат, раст е забележан и кај платите на вработените што сега достигнува приближно 29.000 денари.
Душко Николов, синдикален лидер на ФЕНИ Индустри, оценува дека кај работниците владее задоволство од тоа како се одвиваат работите во компанијата. Воспоставена е, како што изјавува, постојана двонасочна комуникација со раководството, имаат слух за сите потреби на вработените, добивме исплата на бонуси, дури и поголема од очекуваната.
– Најголемото задоволство кај вработените произлегува од тоа што гледаат како се создава сигурна иднина за компанијата и за нивната егзистенција. Производството се одвива непречено и по нагорна линија, платите се редовни, сите дополнителни обврски се исполнети и тоа е добра основа за исполнување на основните работнички права. После сите проблеми и неизвесност низ кои поминавме во изминатите две години, заканата да ги изгубиме работните места, а фабриката да се затвори, што никогаш и никому нема да му го дозволиме, сега среќни сме што ФЕНИ повторно е на вистинскиот пат- изјави Николов.