Во последниот инфографик на Институтот за економски истражувања и политики е посочено дека споредено со 2011, во 2018 година вработувањата во јавниот сектор се зголемиле за 17,2 отсто, речиси исто колку што пораснала и вкупната вработеност во економијата за истиот период, а тоа е 17,6 отсто
Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ објави инфографик од истражувањето поврзано со јавната администрација во кој се изнесуваат податоци за нејзината големина и продуктивност.
Според оваа анализа, во четири сектори има најголема концентрација на административци, а тоа се јавна управа и одбрана, образование, здравство и социјала и уметност, забава и рекреација.
Бројот на вработени, како што покажува нивната анализа, од 2011 до 2018 година е во постојан пораст.
Во нивниот инфографик е посочено дека споредено со 2011, во 2018 година вработувањата во овие дејности од јавниот сектор се зголемиле за 17,2 отсто, речиси исто колку што пораснала и вкупната вработеност во економијата за истиот период (17,6 отсто).
Во согласност со податокот дека анализата е правена за период од 2011 до 2018 година, станува јасно дека растот на административните работници се случува во текот на мандатот на различни владини коалиции.
Меѓу другото, во анализата на „Фајнанс тинк“ е наведено дека во посочениот период продуктивноста на вработените во јавниот сектор паднала за 13,3 отсто, додека вкупната продуктивност на вработените во земјата пораснала за 1 процент.
Институтот предлага неколку мерки за подобрување на состојбата, како воведување сеопфатен систем на евалуација, воведување повеќе скалила во службата, отежнување на унапредувањето, олеснување на деградацијата…