Правилници со кои стартува примената на мерките за третиот столб од Планот за економски раст се усвоени на денешната 64. седница на Владата.
Како што соопшти владината прес-служба, правилниците се однесуваат на следните чети мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и за финансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
Воедно, се наведува, дека истовремено, Владата ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, составена од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за економија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија.