Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка.
Априлските проекции не се значително променети во споредба со октомвриските согледувања. Во текот на овој период се очекува закрепнување на економијата, при што и натаму целосно враќање и надминување на преткризното ниво се очекува во 2022 година. И ова сценарио не упатува на поголеми инфлациски притисоци, а надворешната позиција и понатаму останува поволна. Во однос на изворите на ризици, тие и понатаму се оценуваат како изразено надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата на ковид-19, велат надлежните.
Од НБРМ појаснуваат дека во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9% што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9% а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4%.
Се очекува растот на БДП, оваа и следната година да произлезе од домашната побарувачка, додека нето-извозот да има негативен придонес, велат од НБРМ.
Во известувањето стои дека кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2%.
За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2%. Очекувањата за идните движења во надворешниот сектор укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9% од БДП во 2021 година, што во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината. Намалувањето се очекува да продолжи и во наредните две години, со што во наредниот двегодишен период (2022-2023 година) дефицитот во тековната сметка ќе изнесува во просек околу 2,1% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на соодветно ниво, се посочува во писменото соопштение.
Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Имено, во текот на 2020 година кредитната поддршка беше солидна, а тековните проекции упатуваат на нејзино постепено забрзување во следниот период.
Ризиците за остварување на основното макроекономско сценарио и понатаму се оценуваат како надолни и се главно поврзани со пандемијата на ковид-19. Главниот надолен ризик се поврзува со евентуалното побавно спроведување на имунизацијата, што е тесно поврзано со набавката и дистрибуцијата на вакцините, како и со повторно разгорување на пандемијата со појавата на нови мутации на вирусот и нивна поголема отпорност на веќе постоечките вакцини, што би можело да доведе до повторно воведување на построги рестриктивни мерки за спречување на ширењето на вирусот. Евентуалната материјализација на овие ризици може да доведе до повторно нарушување на синџирите на производство и побарувачката и до значително забавување на очекуваната динамика на економско закрепнување, а со тоа и до потешкотии во опстојувањето на фирмите и побавно опоравување на пазарот на труд. Доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната, а со тоа и домашната економска активност. Исто така, членството на нашата држава во НАТО алијансата и отпочнувањето на преговори за полноправно членство во ЕУ и натаму претставуваат позитивен ризик за проекцијата, на среден рок, велат надлежните.