Фото: Игор Бансколиев

Широката законска рамка и недоволната контрола на туристичките агенции им овозможија голем простор за манипулации со лиценци, нелојална конкуренција и неквалитетни лажни аранжмани

Граѓаните сѐ почесто се жалат дека се измамени од туристичките агенции, кои не избираат средства за што побрза и полесна заработувачка што, впрочем, им ги овозможуваат широката законска рамка и недоволната контрола од страна на надлежните институции. Недовербата во македонските туристички агенции, како што потврди и сопственикот на туристичката агенција „Арбо травел“ Дончо Нацев, произлегува од многубројните малверзации со организираното патување.
– Дозволено е слободно да се регистрираат многу сезонски агенции, кои не ги исполнуваат основните услови за работа, се создаде нелојална конкуренција на пазарот преку нудење неквалитетни и лажни аранжмани. Сево ова придонесе дел од македонската популација до 55-годишна возраст своите аранжмани да ги организира преку разни онлајн-портали што, исто така, може да биде проблематично, бидејќи и тие се соочуваат со проблеми како несоодветно сместување, отстапување од она што го резервирале, откажување аранжмани… – појаснува Нацев.

Освен тоа, како што истакна тој, негативната работа на ваквите аранжмани е тоа што клиентот нема каде да се пожали и да си ги бара правата. Што се однесува до аранжманите преку туристичките агенции, Нацев објаснува дека тие функционираат речиси без никаква контрола.

– Во моментов во Македонија постојат многу регистрирани туристички агенции, кои своите лиценци ги добиваат од Министерството за економија, но нема никаква контрола од страна на инспекциските служби во однос на тоа колку од нив ги исполнуваат определените лиценци и ги почитуваат законите. Според Законот за формирање и добивање на лиценци, за агенциите се предвидени А и Б-лиценци – нагласува Нацев.
Тој додава дека агенцијата со А-лиценца треба да има минимум 5 вработени и тие треба да бидат лиценцирани со соодветни лиценци, да познаваат по минимум еден од светските јазици и најмалку едно од нив да е со високо образование.

– Агенциите со А-лиценци можат да работат појдовен и дојдовен туризам, додека агенциите со Б-лиценца можат да работат само дојдовен или домашен туризам. Повеќето од агенциите со Б-лиценца во своите програми имаат програми надвор од Македонија со фиктивни договори со агенции со А-лиценца. Сево ова придонесува многу од граѓаните да се решаваат за аранжман во сопствена режија – објаснува Нацев.
Поради сето тоа, Нацев смета дека е време да се донесе нов закон во туризмот, кој ќе биде подециден, ќе предвидува секоја агенција, со А и со Б-лиценца да обезбеди банкарска гаранција за клиентот што патува.

– Се надевам дека во скоро време ќе биде формирано и министерство за туризам и туристичка инспекција со соодветни стручни лица, кои ја познаваат проблематиката од туризмот. Само вака може да размислуваме за враќање на довербата на македонскиот турист во македонските туристички агенции – нагласува сопственикот на „Арбо травел“.
И Ангел Иванов, сопственик на туристичката агенција „Адриатик Маврово“, е согласен дека треба да се воведе ред во оваа дејност.

– Сметам дека доколку на туристичките агенции им се наметне обврска да доставуваат банкарска гаранција во огромни износи, тогаш малите агенции ќе бидат на удар и ќе стават клуч – вели Иванов.
Тој вели дека проблемите со туристичките агенции што ги измамиле граѓаните треба да се решаваат на друг начин, но и да се бараат други опции за такви измами да се спречат.

И од Стопанската комора на Македонија бараат да се воведе осигурување на аранжманот, бидејќи тоа е категорија што во Македонија не постои.
– Ние имаме осигурување на туристичките агенции, како модел или во законот тоа е предвидено како опција, дали сакате да ги осигурите туристичките агенции во осигурителна компанија или да обезбедите банкарска гаранција. Главно туристичките агенции посегнуваат по осигурителен аранжман. Но осигурување на аранжманот е нешто што дава гаранција за туристите – сметаат од комората.


Законски измени за поголема заштита на туристите

Осигурителни полиси за туристички аранжмани за брзо обесштетување на граѓаните доколку не ја добијат услугата, банкарска гаранција за туристичките агенции во висина од едногодишните приходи, туристичка инспекција за аранжманите преку интернет, заострени критериуми за категоризација на објектите. Ова се предлози во нацрт-измените на законите за туристичка и угостителска дејност со кои Министерството за економија очекува поголема заштита на туристите и уредување на состојбите во туристичката дејност.

– Ќе има разлика меѓу лиценцирањето на туристичките агенции и туроператорите, ќе се воведе осигурителна полиса за аранжманите со намера на граѓаните да им обезбедиме поголема сигурност – изјави министерот Крешник Бектеши, по работниот состанок со претставници на туристичкото стопанство, на државните инспекции и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
За да им излеземе во пресрет на нашите граѓани што купуваат аранжмани надвор од државата, побрзо може да се активира осигурителната полиса отколку банкарската гаранција, објасни министерот.

– Банкарската гаранција можеме да ја активираме ние како Министерство за економија, а осигурителната компанија може веднаш да им излезе во пресрет. Предлогот е колку што биле приходите во претходната година толку да биде и банкарската гаранција, зависно од бројот на аранжманите на туристичките агенции и туроператорите – објаснува Бектеши.

Се предвидува и туристичка инспекција, а со оглед на препораките од Европската комисија да се намалат инспекторатите, ќе се направи одделение во рамките на Државниот пазарен инспекторат.
– Ќе почнеме со обуки и тренинзи на нови инспектори, кои ќе се занимаваат и ќе бидат подготвени да прават контроли само во оваа дејност. На тој начин ќе ги контролираме туристичките агенции, хотелиерите и другите субјекти поврзани со оваа дејност дали ги исполнуваат условите што ќе бидат наведени во новите решенија – рече Бектеши.
Нацрт-законите за една недела ќе бидат поставени на веб-страницата на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што ќе може да се оставаат коментари во текот на 20 дена, по што тој треба да биде усвоен од Владата и на крајот на следниот месец доставен до Собранието.

[email protected]