Владата во четвртиот пакет мерки вклучи и некои што важат исклучиво за туристичките агенции, како најпогодени во оваа здравствено-економска криза. Но дали ќе биде доволно тоа?
Корона-кризата целосно го парализира работењето на туристичкиот сектор во Македонија, кој во изминативе години доживеа значителен подем. И по завршувањето на летната сезона, која требаше барем малку да ја заживее оваа гранка, сепак туроператорите се плашат дека ќе се соочат со колапс. Ваучерите за летување во земјава, кои во првите месеци од кризата ги додели државата, делумно помогнаа да се ублажи ударот врз туристичкиот сектор, но следните месеци ќе бидат тешки бидејќи се очекуваат нови рестрикции во движењето, поради што не можат да се планираат ниту патувањата, ниту прослави. Владата во четвртиот пакет мерки вклучи и некои што важат исклучиво за туристичките агенции, како најпогодени во оваа здравствено-економска криза. Но дали ќе биде доволно тоа?
– На 150 регистрирани туристички водичи за октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто-плата во висина од 21.776 денари, во вредност до 160.000 евра. Ќе има поврат на туристичката такса за 4.740 субјекти што организирале ноќевања во 2019 година, со што ќе бидат вратени вкупно два милиони евра. Толку изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во минатата година – најавуваат од Владата.
Рестрикциите за патување го парализираат секторот
Дончо Нацев, сопственик на една од туристичките агенции, смета дека тоа не е решение и нагласува дека ограничувањата на патувањата го спречуваат туризмот да го искористи својот потенцијал.
– Доколку продолжи индиферентноста на државата, може да се случи закана од губење десетици илјади директни работни места во туризам и транспортот, губење можности за ранливите популации и заедници, кои имаат најголема корист од туризмот и реален ризик од губење на виталните ресурси за заштита на природното и културното наследство низ целиот свет – вели Нацев.
Како што објаснува тој, туризмот треба да напредува, а тоа значи дека ограничувањата за патување мора да бидат ублажени или укинати навремено и одговорно.
Според него, државата треба да му даде поддршка на туризмот, со долгорочни финансиски силни мерки во соработка со развојните банки, Светската банка и со Народната банка, кои ќе овозможат долгорочни револвинзи и одложување на постојните кредити, за туризмот да може да се придвижи и да го преземе водството при повторното отворање на дестинациите.
– Пандемијата е далеку од завршена и ние мора да бидеме подготвени да дејствуваме брзо за да спасиме животи. Но сега, исто така, е јасно дека мораме да преземеме одлучна акција за заштита на работните места и за зачувување на многуте придобивки што ги дава туризмот – истакнува Нацев.
Пораст на приходите се очекува дури во 2022 година
Според светските податоци и големите консултантски агенции, пораст на приходите во туризмот, вели тој, може да се очекува дури во 2022 година.
– Неминовно е нашата влада да обезбеди силна и стабилна финансиска поткрепа, а истовремено на земјите во светот да им гарантира дека Македонија е стабилна и безбедна за патувања како што го сторија тоа многу земји од Балканот, дека можеме да водиме грижа за секој оној што ќе биде инфициран од ковид-19. Единствено така можеме да го вратиме туризмот во Македонија – објаснува Нацев.
Даниела Михајловска Василевска, самостојна советничка во Стопанската комора на Македонија, вели дека четвртиот пакет мерки што ги нуди Владата има предвидени повеќе решенија во насока на поддршка на секторот угостителство и туризам и многу од нив се токму по предлог на бизнис-секторот.
– Некои од тие решенија се продолжување на минимална плата, одолжување на ратите за камати, нови кредитни линии, грантови за туристичките агенции, рестораните, враќање на туристичката такса за 2019 година на хотелите, намалување на ДДВ за угостителските објекти при што барањето на бизнис-секторот беше 5 отсто ДДВ за храната, додека Владата предлага 10 отсто ДДВ за ресторанските услуги, како и даночни бенефиции – споменува Михајловска Василевска.
Клучниот проблем се неизвесноста и непредвидливоста
Како што вели таа, за некои од нив клучни ќе бидат условите што се обврзувачки за да може деловните субјекти да ги користат. Имајќи предвид дека условите сѐ уште не се изнесени во јавност, невозможно е да се коментираат мерките и кои би биле ефектите од истите тие за секторот.
– Секако, тоа што е клучно за овој сектор е неизвесноста на траењето на кризата и неможноста за предвидување на случувањата во периодот што следува. Проблемот е уште поголем што во светски рамки, особено сега во услови на втор силен бран од ширење на корона-кризата, повторно се носат рестриктивни мерки од кои туризмот и угостителството се меѓу најпогодените сектори – појаснува Михајловска Василевска.
За обезбедување некаква ликвидност, таа додава дека членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам предлагаат и приоритетни прашања за решавање на проблемите во секторот угостителство и туризам.
Како да се обезбеди ликвидност
– Потребни се бесплатни ПЦР-тестови за ковид-19, со превод на англиски јазик, за сите странски државјани, со туристички престој во категоризирани хотели на територијата на нашата држава, кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава. Во отсуство и неможност за користење на вообичаените маркетинг-активности, бесплатните тестови треба да послужат како промоција, поттик и олеснување за туристичка или бизнис-посета во нашата држава во услови на пандемија, а наедно ќе помогнат во подобрување на нарушениот углед, но и поголема контрола и увид во ширењето на вирусот – смета таа.
Приоритет, според неа, е и итното изработување и објава на стандардизирани информации, со редовна обнова на јасни и недвосмислени правила за влез, излез, како и пропишани мерки за време на пандемија, кои ќе се однесуваат на сите оние што доаѓаат и престојуваат во нашата држава, и тоа на неколку светски јазици.
– Сметаме дека со ваква системска поддршка ќе му се помогне на туристичкиот сектор долгорочно да ја адаптира својата понуда за оперирање во услови на пандемија и со тоа да ја зголеми својата економска активност и подобрување на конкурентноста на дестинацијата – нагласува Михајловска Василевска.
Според неа, потребно е проширување на мерката субвенции и опфаќање на сите земји со еднаква субвенција за автобуски и авионски аранжмани.
– За да се овозможи развој на настаните, според поповолно сценарио, препорачуваме износите за субвенционирање да бидат изедначени за сите држави по 65 евра за турист, а условот за добивање да бидат пет ноќевања наместо досегашните три ноќевања – истакна Михајловска Василевска.
Неопходно е, како што вели таа, ослободување од ДДВ на туристичките услуги што се извршуваат надвор од Европската Унија или за туристичките услуги што се извршуваат во државите што со целата своја територија се наоѓаат на европскиот континент.
– Имајќи ги предвид актуелната ситуација на меѓународниот туризам и потребата од поддршка на дестинацијата и туристичките агенции што се занимаваат со дојдовен туризам, предлагаме преку интервенција во Законот за ДДВ во согласност со директивите на ЕУ да се постават домашните туристички агенции во рамноправна положба со туристичките агенции од земјите-членки на ЕУ, со што би се зголемиле можностите за придобивање странски пазари во натпревар под еднакви услови на меѓународниот пазар на туризмот – заклучува Михајловска Василевска.