Земајќи го предвид фактот дека хотелските капацитети и туристички агенции подолг период се речиси без економска активност, а поголем дел компании веќе се затворени, упатените очекуваат значително зголемување на бројот на невработени лица од секторот туризам
ПОРАДИ ЗАДОЦНЕТАТА ВАКЦИНАЦИЈА И НОВИТЕ МУТАЦИИ НА КОРОНАВИРУСОТ
Глобалниот туризам ја доживеа најлошата година што е забележана во 2020 година, со пад од 74 отсто според податоците на Светската туристичка асоцијација. Дестинациите низ светот дочекаа една милијарда помалку меѓународни пристигнувања во 2020-та отколку во претходната, 2019 година. Ковид-кризата наедно предизвика и одлив на туристичките работници, некои од нив сами даваат откази и почнуваат со работа во сосема друг сектор, а некои, пак, се соочуваат со отпуштање.
Даниела Михајловска Василевска, координаторка за туризам во Стопанската комора на Македонија, вели дека земајќи го предвид фактот дека хотелските капацитети и туристички агенции подолг период се речиси без економска активност, а поголем дел компании веќе се затворени, можеме да очекуваме значително зголемување на бројот на невработени лица од секторот туризам.
– Во услови на продолжена здравствена криза, доколку не продолжи финансиската поддршка, основани се очекувањата за масовни отпуштања на дополнителни 10 илјади лица или блокирани сметки во текот на март кај голем број компании од секторот туризам, што ќе ги обезвредни сите досегашни напори од страна на Владата направени за зачувување на што е можно повеќе работни места истовремено – смета Михајловска Василевска.
Таа додава дека затоа приоритет треба да биде продолжувањето на финансиската поддршка на платите со специјален дизајн за туризам најмалку до април, кога би се овозможиле услови за приспособување од страна на компаниите од секторот туризам и ослободување од потребата за помош.
– Прогнозите за перформансите на Северна Македонија како туристичка дестинација беа исклучително загрижувачки и се проектираше намалување на туристичките движења од 80 отсто за 2020 година во однос на 2019 година и загуба на бројот на работни места во секторот во дијапазон помеѓу 4 илјади и 20 илјади работни места – појаснува Михајловска Василевска.
Како што вели таа, за ублажување на негативните последици од пандемијата врз секторот, студиите врз база на истражувањето препорачале четириесетина мерки за поддршка на туристичкиот сектор наменети да послужат како основа за преговори помеѓу јавниот и приватниот сектор при наоѓање решенија за корекција на прогнозите во однос на перформансите на дестинацијата и ограничување на загубата на бројот на работни места преку мерки што ќе испорачаат високоефективен економски одговор.
– Поради невидениот пад на побарувачката и широкораспространетите ограничувања на патувањата и ненавремено понудената помош на туристичките агенции, вклучувајќи ја и акцентирајќи ја состојбата во Македонија, повеќе туристички агенции се соочија со отпуштање вработени, а некои и доброволно ги напуштаа своите работни места барајќи егзистенција во друга дејност – истакна Дончо Нацев, сопственик на туристичка агенција.
Тој нагласува дека најновите истражувања на Светската туристичка асоцијација покажуваат мешани изгледи за 2021 година и се предвидува 45 отсто подобри изгледи за зголемување на туризмот за 2021 година во споредба со минатата, додека 25 отсто слични перформанси како во 2020-та, а 30 отсто влошување на резултатите во 2021 година.
– Се чини дека вкупните изгледи за скок на туризмот во 2021 година се дека ќе се одвива до 50 отсто, оваа бројка не ветува дека македонскиот туризам ќе бележи голем раст, имајќи го предвид доцнењето на вакцините, што треба да претставуваат голем фактор за рестартирање на туризмот – истакнува Нацев.
Од Здружението на туристички водичи и придружници велат дека состојбата во туризмот ќе се врати во нормала најрано идната година.
– Оваа година прогнозите се дека ќе има само 5-10 отсто од обемот на работа што сме го имале претходно. Луѓето веќе си бараат работа, некои почнале да работат како таксисти, а да заминуваат надвор од државата сега, во овој период, е тешко. Добар и професионален туристички водич во нормални услови може да има од 150 до 200 работни денови во годината – истакнаа од Здружението.
Оттаму велат дека враќањето на состојбата како пред пандемијата зависи од процесот на вакцинација и дека новите мутации на коронавирусот водат во неизвесност.