Состојбата со вработувањата во јавната администрација е голем товар врз економијата во земјата и на подолг период ќе предизвика вистински колапс на стопанството, алармираат бизнисмените
Државата сѐ уште е најголемиот работодавец во Македонија, а јавната администрација и понатаму ги апсорбира повеќето нови вработувања, констатираат бизнисмените, порачувајќи дека, наместо да се зголемува бројот на вработените во администрацијата, политиките треба да се насочат кон создавање клима за повеќе вработувања во приватниот сектор, кој е носечки за вкупната економија. Освен тоа, тие предупредуваат и дека одржувањето на администрацијата станува сѐ поскапо, а дополнителен проблем, според нив, е што државата буквално ги краде работниците на приватниот сектор.
Масовните вработувања во администрацијата не запираат, постојано има нови огласи, иако интензивно се зборува дека таа е преполна и нефункционална. Сепак, никако да запрат нови вработувања во јавниот сектор. Европската Унија предупредува дека администрацијата е преполна и дека се потребни реформи според кои таа треба да биде професионална, непартиска и во функција на граѓаните и на стопанството.
Голем број огласи за вработување во јавните претпријатија, државните агенции, образованието беа спроведени и со почетокот на политичката криза, непосредно пред да стапи во сила новиот закон за администрација, потоа се овозможи трансформација на привремени вработувања во траен работен однос, нови отворени работни места има и пред секои избори, нов бран на вработување имаше и пред Нова година, како и пред десетина дена.
Според експертите, на плати и придонеси за јавната администрација се трошат премногу пари од државниот буџет. Таквото енормно зголемување на јавната администрација удира директно по грбот на приватниот сектор. Вработувањето во јавната администрација значи загарантирано работно место, со сите бенефиции, општествен респект, релативно добра плата, викенди и државни празници и не значи служење на граѓаните, туку исполнување на сопствените амбиции.
Како што вели Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“, потребно е да се работи на менување на менталитетот на бизнис-секторот, зајакнување на институционалните капацитети на државата и реформирање на јавната администрација.
– Реформирањето на јавната администрација треба да биде на сите нивоа, од највисоко до најниско, во насока на специјализација, деполитизација, усовршување, надградување и дигитализација, за да стане вистински сервис на бизнисот. Потребно е политиката да се тргне од бизнисот, да се зајакнат капацитетите на правните, политичките и економските институции и, конечно, бизнисот да си го заземе своето место како моторна сила и двигател на економијата – нагласува Лазаров.
Според Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, состојбата со вработувањата во јавната администрација е голем товар врз економијата во земјата и на подолг период ќе предизвика вистински колапс на стопанството.
– Бројот на вработени во јавната администрација и нивните примања мора да кореспондира со порастот на економијата. Преобемната администрација троши огромен дел од буџетот на Македонија и остануваат сѐ помалку пари за инвестиции, наука, здравствена заштита – смета Димитров.
Тој додава дека заложбите на Владата треба да бидат во создавање услови за отворање нови работни места во реалниот сектор, а не во јавната администрација.
– Имајќи ги предвид големината на македонскиот пазар и сегашната структура на стопанството, Владата мора да помага во отворање нови компании и поддршка на постојните, кои ќе бидат извозно ориентирани. Од друга страна, владеење на правото, јасни и применливи закони, предвидливи услови за стопанисување, стимулативна даночна регулатива и администрација што ќе биде сервис на граѓаните и на стопанството се неопходни за создавање добри услови за стопанисување – објаснува Димитров.
Тој вели дека едно е прашањето за тоа колку нѐ чини оваа огромна администрација, а друго прашање е дали таа им помага на граѓаните и на стопанството или дали ги оправдува трошоците што ги прави.
– Трошок не се само платите на јавната администрација, туку и објектите каде што се сместени, возилата, телефоните, комуналиите и сѐ друго што прават.
Администрацијата е оправдана само во случај кога им помага на граѓаните и на стопанството, но за да се случи тоа, таа треба сосема да го промени односот кон нив, наместо „газда“, треба да стане „слуга“ на граѓаните и на стопанството, затоа што тие издвојуваат од нивниот доход за да ги платат – појаснува Димитров.
Како што истакна тој, оваа состојба воопшто не е добра ниту за вработените во администрацијата, затоа што ако таа е мала и професионална, ќе има пари и за поголеми плати и за подобра опременост, а вака парите одат за исплата на скромни примања на голем број вработени.
Премиерот Зоран Заев, пак, неодамна истакна дека е неопходна ефикасна јавна администрација поради зголемен обем на работа, но и дека вишокот ќе биде префрлен во приватниот сектор.
– Вишок на администрација има, но преку одреден тренинг со поддршка на Владата тие ќе бидат подготвени да бидат прифатени во приватниот сектор, без некој да го изгуби лебот. Тоа е наша намера и процес што допрва ќе почне и ќе направиме рационализација на администрацијата без некој да изгуби – нагласи Заев.