Американскиот претседател Доналд Трамп има намера во значителна мерка да го ограничи увозот на германски луксузни автомобили, јавува германскиот неделник „Виртшафтвохе“, повикувајќи се на дипломатски извори.
– Толку долго ќе ја задржам својата трговска политика сė додека ниту еден Мерцедес повеќе нема да се вози по Петтата авенија – рече неодамна Трамп за време на посетата на францускиот претседател Макрон на САД.
Трамп минатата недела му наложи на Министерството за трговија да провери во колкава мерка увозот на автомобили ја загрозува националната безбедност.
Американскиот претседател веднаш по преземањето на должноста на почетокот на 2017 година рече дека сака да го намали увозот на автомобили од ЕУ во САД, при што таа мерка најмногу би ги погодила германските производители.