Искусните во онлајн купопродажбата велат дека многу е важно да се види од каде се нарачува, дали станува збор за проверени сајтови и дали има препораки. Некои граѓани своите искуства ги споделуваат на социјалните мрежи
Веднаш по двонеделното затворање на угостителските објекти и дуќани низ државава, социјалните мрежи беа преплавени со телефонски броеви и известувања од компаниите што вршат достава на храна и други производи, често и со акциски цени, така што телефонската и онлајн купопродажбата доживеаја вистински подем, што не значи и дека желбите на купувачите секогаш беа остварени.
Онлајн се продава сѐ и сешто, здрава и готвена храна, производи од маркети и колонијали, сетови тави и тенџериња, прибор од виљушки, лажици и ножеви, постелнини, чанти и ранци, сребрен накит и бижутерија, обувки, облека, цвеќе, па дури и мебел. Искусните во онлајн купопродажбата велат дека многу е важно да се види од каде се нарачува, дали станува збор за проверени сајтови и дали има препораки. Некои граѓани своите искуства ги споделуваат на социјалните мрежи.
– Само ден по воведувањето на мерката за продолжен полициски час, телефонот ни спобудале од нарачки, како од поединци, така и од групни нарачки од фирми. Не можевме глава да кренеме од работа и иако им кажувавме дека треба да чекаат повеќе од еден час за достава, сепак нарачуваа и се согласуваа да чекаат колку што е потребно.
Малкумина сме вработени, па ниту ние што работиме на приготвувањето ниту доставувачите не можевме да постигнеме од разнесување сендвичи, така што моравме некои нарачки и да ги откажуваме. Работиме со храна, а има денови кога од работа остануваме без појадок, па првиот оброк ни е дури во 16 часот, кога малку ќе стивне работата – вели вработен во една од сендвичарниците во скопско Дебар Маало.
Корисниците на услугите и купувачите, пак, имаат различни искуства со доставите.
– Многупати и од многу порано нарачувам онлајн со достава до дома, досега имам купено доста производи и секогаш сум бил задоволен од нивниот квалитет. Она што било прикажано, тоа и сум го добивал, па секогаш на сите им велев оти треба да ги проверуваат сајтовите од кои нарачуваат и да се распрашаат за препораки. Но последното искуство не беше позитивно. Видов војнички ранец на една страница и го имаше во неколку димензии, а јас нарачав еден од тие со средна големина. Кога ми пристигна нарачката дома, извадив ранче и се разочарав. Не знам дали воопшто можам да го заменам за поголем, треба да видам. Таткото на мојата сопруга преку една онлајн страница порача бор-машина од германска фирма и се покажа многу добра. Неговата сопруга, пак, имаше порачано обувки и кога ги доби, бојата, моделот, големината, сѐ беше погодено, но поради краткото ремче не можеше да ги закопча, па тоа го решаваше на чевлар. Имам пријатели што често нарачуваат храна онлајн и велат дека се задоволни – раскажува Михајло Серафимовски од скопската населба Кисела Вода.
И во Организацијата на потрошувачи на Македонија стигнуваат различни поплаки.
– Во овој период немаме поплаки за онлајн купопродажбата на храна, но затоа последниве денови потрошувачи се жалат дека не го добиле мебелот што го порачале, туку некој друг мебел. Константно добиваме поплаки за козметички производи без етикета на која треба да ги пишува земјата на потекло, производителот и сл. Потоа, речиси постојано потрошувачите се жалат на квалитетот на производите купени на фејсбук-продажба, како обувки, облека и мали кујнски апарати, за кои велат кога ги добиле воопшто не работеле. Се жалат и на телефонската продажба по случаен избор на потрошувачи, кои потоа биле доведени во заблуда или измамени, како на пример дека за одредена сума ќе купат синџирче и гратис ќе добијат парфем, а всушност парфемот бил како вода. Ова се тие таканаречени маркетинг-продажби со гратиси – вели Мартина Грчаревска, стручна соработничка во Организацијата на потрошувачи на Македонија.