Речиси не постои текстилна компанија во Македонија што може да го зголеми бројот на вработени, а тоа е еден од двата услова за добивање поддршка за инвестиции согласно законските измени кои се во собраниска процедура.
Текстилците денеска предупредија дека е голем недостигот на работна сила, а можат да опстанат само ако вложуваат во опрема и технологија поради што поддршката им е повеќе од неопходна. На тој, начин, велат, не само што би останале рентабилни, туку и би ги зголемиле и платите и продуктивноста.
На прес-конференција во Стопанската комора на Македонија побараа побрзо да се донесе законот што е во процедура веќе девет месеци, но да се поддржи и амандманот кој ги иззема од условот за зголемен број вработени.
– Единствен начин да опстанеме е да инвестираме во опрема, во современи, автоматски машини, да почнеме со комплетно производство и креирање соптствени брендови. Нашите компании го зголемуваат извозот, вкупниот приход и девизниот прилив, но зголемувањето на бројот на работници и да сакаат не можат да го остварат поради недостигот на работна сила на пазарот на трудот. Кога би имало расположлива работна сила што би сакала да работи во текстилната, кожарската или чевларската индустрија, 5.000 работни места се веднаш слободни. Секоја конфекција е подготвена да вработи 20 – 30 лица – рече претседателот на Огранизацијата на работодавачи Ангел Димитров.
Текстилната, кожарската и чевларската индустрија вработуваат 65.000 лица или 20 отсто од вкупниот број вработени во државата. Само текстилни компании во земјава има 800 со 35.000 – 38.000 вработени. Од нив, според Димитров и Перковска, најмалку половината ќе можат да конкурираат за поддршка за инвестиции, а некои дури и почнале да вложуваат во опрема.
– Најголем проблем е тоа што многу се малку или воопшто не постојат компании во кои бројот на вработени се зголемува, а евентуалната модернизација и автоматизација би овозможила со истиот број вработени да се извршува поголем обем на производство, односно да се зголеми продуктивноста – потенцира претседателот на Кластерот за текстил Мирјана Перковска.
Во текстилната и кожарската индустрија, според статистиката, платите постојано се зголемуваат и бележат најголем процентуален раст.
– Секоја компанија во Македонија мора во текот на годината да ги покачи платите за барем 10 отсто. Во спротивно ќе се соочи со недостиг на работници, тие едноставно ќе си одат – подвлече Ангелов. Проблемот, дополни Перковска, е што индустријата е недоволно технолошки подготвена, а цените на материјалите постојано растат. Поради тоа компаниите не можат да ја зголемат платата.
Законските измени за поддршка на инвестиции предвидуваат два критериума: компаниите да остварат зголемување на приходот од дејноста колку просекот во последните три години и да имаат ист или зголемен број вработени во однос на просекот во последните три години.
– Ова е само прв, иницијален чекор, но не и доволен за да заживеат текстилната и преработувачката индустрија воопшто. Мора да се размислува и на други инструменти: гарантни фондови, соработка со деловните банки и реструктуирање на Македонската банка за обнова и развој во насока на директна поддршка на компаниите, а за да нема неусогласености на законите со праксата, при нивното носење не треба да се одржуваат само формални средби, туку и да се слуша гласот на реалниот сектор – порачаа текстилците и сигуреираа формирање советодавно тело со луѓе практичари, како коректор на недопрецизираните регулативи.