Од денеска сите заинтересирани жители на Град Скопје можат да аплицираат за субвенции за набавка на печки на пелети. Градот ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на печка на пелети во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Аплицирањето трае до 30 ноември или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден прв услужен“.
Барателите, треба да се жители на град Скопје, да немаат добиено финансиски средства за набавка на печка на пелети од кој било извор во Република Македонија и до поднесување на барањето да се корисници на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на градот Скопје кои ќе купат печка на пелети за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на печка на пелети.
На Јавниот повик, како што информираат од Град Скопје, немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во него.
Градот Скопје денеска го објави Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети за 2018 година, втора фаза.
– Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на град Скопје (домаќинствата) за примена на почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот, на жителите кои ќе купат печки на пелети од денот на објавување на јавниот повик 1.11.2018 година, ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на печка на пелети во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство – информираат од Град Скопје.
Јавниот повик, додаваат оттаму трае 30 календарски дена од денот на објавувањето, 1 ноември 2018 година, заклучно со 30 ноември 2018 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена.