Пандемијата на коронавирусот предизвика затворање на границите, го ограничи функционирањето на пазарот на стоки и услуги и дефинитивно го промени начинот на кој функционираат светските економии. Сите компании, независно дали се големи, средни, мали или микро, во овие погубни економско-финансиски околности се борат да обезбедат финансиски приливи за своите компании и за своите вработени.
Иновативни приоди за подобар пласман на пазарот и за зголемена конкурентност
Во светлината на ваквите движења, за забележување е иницијатива што доаѓа од Белгија. Светските медиуми информираат дека оваа европска земја започнала со длабоко промислена и планирана кампања за подобро брендирање на продуктите на својата индустрија и земјоделство за да се зголемат препознавањето, конкурентноста, а и продажбата на нивните производи, за кои ќе го интензивираат извозот во странство кога ќе заврши кризната состојба.
Еден таков пример, на кој се осврна американскиот магазин „Политико“, се белгискиот мајонез и смрзнатиот белгиски помфрит.
Имено, според информацијата, поради неочекуваните случувања, за време на пандемијата, индустријата за производство на компири во Белгија се соочила со неизвезени 750.000 тони компири и во такви околности државата сега се обидува со подобро брендирање во странство да се пласира овој земјоделски производ. Имено, пред пандемијата 98 проценти од производството на Белгија на овој продукт биле наменети за извоз, а во моментов постои опасност овој сектор на земјоделството да претрпи колосални штети. Затоа, во Белгија се прави нова стратегија и приод за ребрендирање на домашните производи со планирана силна кампања за препознатливост, забележување и издвојување на нивните производи во мноштвото истородни на пазарот во Европа и во светот.
Национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови
Од македонска перспектива на случувањата, прашањата што се наметнуваат се дали ние како држава по примерот на Белгија можеме да направиме нешто на тој план? Дали можеме да се обидеме да стимулираме извоз на наши производи што се препознатливи по својот квалитет во странство, за полесно да го наполниме буџетот во овие тешки времиња? И дали, пред сѐ, имаме такви производи што со својот квалитет, цена и рок на испорака, може да конкурираат на светските пазари?
Аналитичарот Мартин Јовановски, кој потекнува од бизнис-секторот, вели дека македонските брендови во суштина и пред кризата тешко се позиционирале во странство. Истовремено тој нагласува дека е мала застапеноста на нашите производи на глобалните пазари. Но, според него, како и да е, најбитен е фактот за непостоење национална стратегија за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови.
Сепак, аналитичарот вели дека има одредени продукти, особено во прехранбената индустрија, кои најлесно можат да го одржат епитетот препознатливи, а како такви тој ги посочува ајварот, виното и голем број градинарски култури.
Јовановски советува дека оние што раководат со државата во овие моменти треба токму сега да се фокусираат на вакви и слични искуства, за да најдат иновативни и ефикасни решенија за полесно да ја пребродиме економската криза, која ќе следува по крајот на пандемијата. Треба да се размислува интензивно на оваа тема токму сега, да се направи конкретна рамка за институционална поддршка за индивидуално јакнење на домашните брендови, бидејќи на тој начин ќе расте извозот, ќе почне полека да се балансира трговскиот дефицит…
Повеќе соговорници од бизнис-секторот се согласуваат со ставот на аналитичарот Јовановски и упатија своевиден апел до оние што имаат сериозна намера да се грижат за економијата на државата.