Сѐ додека фирмите се загрижени дека економијата ќе биде слаба во наредните шест
месеци или една година, истите тие ќе ги одложуваат инвестициите, а со тоа ќе го одложат закрепнувањето. Само државата може да го прекине овој магичен круг!
Џозеф Стиглиц, американски економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 2001 година и поранешен потпретседател и главен економист на Светската банка, и Хамид Рашид, поранешен генерален директор за мултилатерални економски работи во МНР на Бангладеш и висок советник во Бирото за развојна политика на УНДП, во своја колумна за „Проџект синдикејт“, објавена и во нашиот весник на 11 јуни, изнесуваат мошне интересни ставови за тоа каков економски стимул би бил најфункционален и кои би биле мерките за побрзо економско закрепнување. Имено, во колумната точно се препознаваат најзначајните стратегиски насоки за што побрз излез од корона-кризата, но и за постигнување на долгорочните цели.
Стиглиц и Рашид, поаѓајќи од фактот дека владите во светот на кризата реагираа со комбиниран фискален и монетарен одговор, забележуваат дека тој пристап не беше насочен, ниту прецизен. Со таквиот пристап на почеток на кризата можеби владите очекуваа амортизација на ударот, но долгорочно таквите стимулативни мерки сѐ поверојатно е да не ги постигнат очекуваните ефекти. Односно, како што истакнуваат колумнистите, инвестициите и потрошувачката нема да пораснат онолку колку проектирале што на почетокот на кризата владите и владините политики.
Кризата доживеа екстензија и го продолжи периодот на длабока неизвесност. Во такви околности, како што анализираат колумнистите, заштедите се зголемија и кај граѓаните и кај компаниите, поради стравот од неизвесност. Таквиот факт ги намалува можностите на трошење. Банките исто така се соочуваат со недостиг од кредитоспособни баратели и со тоа кај нив се зголемија банкарските резерви. Од тоа се извлекува заклучок дека досегашните стимулативни политики имаат слаб ефект на мултипликација. Во такви околност банките „природно“ го насочуваат вишокот средства кон финансиски шпекулации. И берзите секојдневно бележат големи активности, а таквата берзанска нестабилност ја продолжува агонијата на неизвесност и непредвидливост, што само по себе доведува до поголема внимателност на граѓаните и компаниите и дополнително ги намалува потрошувачката и инвестициите.
Колумнистите Стиглиц и Рашид се длабоко уверени дека е најважно сега да се намали ваквиот ризик и да се поттикнат иницијативите за трошење. Тие тврдат дека сѐ додека фирмите се загрижени дека економијата ќе биде слаба во наредните шест месеци или година, тие ќе ги одложуваат инвестициите, а со тоа ќе го одложат закрепнувањето. Колумнистите изнесуваат длабоко уверување дека само државата може да го прекине овој магичен круг!
Имено, Стиглиц и Рашид имаат став дека владите мора сами да се погрижат за актуелните ризици, со тоа што ќе им понудат обесштетување на фирмите во случај економијата да не закрепне до одреден момент. Владите имаат широка палета на избор за поттикнување на економијата. Еден пристап, како што велат колумнистите, кој функционира е да им се даде посилна помош на компаниите, под услов да ги задржат своите вработени, да ги поддржуваат трошоците за плати и оние преостанатите во однос на намалување на приходите на компанијата. Владите, според нив, исто така треба да размислат за издавање ваучери за трошење за стимулирање на потрошувачката на домаќинствата. Бидејќи пандемијата, како што сметаат тие, ќе трае подолго, сепак ќе биде потребен и дополнителен стимул за економијата. Колумнистите тврдат дека постојат повеќе ефективни алтернативи, но дали владите ќе ги преземат, останува да се види.