Една од главните карактеристики на тајванскиот економски развој беа малите и средните компании. Ова особено беше видливо во даночната политика која се изразуваше со практиката за воздржано кредитирање и висока каматна стапка, со што се создадоа услови за економска структура во која претежно доминираат малите и средните компании.
Оваа политика на тајванските власти не доведе до создавање на големи конгломерати како чаеболите во Јужна Кореја и заибацу во Јапонија. Властите исто така воведоа строга регулатива на финансиските институции, и како резултат на тоа, приватните комапани имаа просечен долг на капитал од приближно 160 отсто, значително понизок од компаниите во другите земји во развој, како на пример Јужна Кореја.
Слично на статистичките податоци од САД, Велика Британија, Јужна Кореја и Јапонија, малите и средни претпријатија во Тајван учествуваат со повеќе од 95 отсто од сите неземјоделски бизниси. Поизразена карактеристика на тајванскиот пристап кон малите и средни претпријатија е тоа што за нив се обезбедени заеми во вредност од 25 отсто од БДП, близу двојно повеќе од оној на Сингапур и скоро пет пати поголем од оној на САД. Оваа висока стапка на заем укажува на високото и континуирано ниво на економска важност што им се дава на малите и средни компании во Тајван.
Меѓутоа денес состојбата е многу поинаква. Оваа фундаментална промена е релативно нова. Таа се случува во последните 10 до 15 години и е под влијание на странската конкуренција врз тајванскиот домашен капитал. Најголемата јапонска компанија „Тојота“ има околу 440.000 вработени, меѓутоа компанијата „Фокскон“ со седиште во Тајван има 1,3 милиони работници, што е тројно повеќе од „Тојота“. Јапонија беше шокирана кога „Фокскон“ ја купи јапонската корпорација „Шарп“.
„Фокскон“ е исклучок меѓу тајванските компании, бидејќи 10 најголеми компании во Тајван имаат во просек 200.000 вработени, меѓутоа „Фокскон“ учествува со 22 отсто од БДП на Тајван, речиси исто како учеството на „Самсунг“ во БДП на Јужна Кореја. Во последните 20 години, влијанието на 10-те најголеми компании од 25 отсто се зголеми на повеќе од 40 отсто.
„Фокскон“ е тајванска мултинационална компанија за производство на електроника. Најголемиот дел од нејзините фабрики се лоцирани во Азија, меѓутоа има производни погони и во Бразил, Европа и во Мексико.