Бизнисот е тој што отвора нови работни места, инвестира во опрема и нови производствени погони и создава новододадена вредност, која е основа за покривање не само на сопствените трошоци туку, преку даноците, таксите и другите давачки, ја финансира и целокупната државна администрација
Јавната администрација треба да стане сериозен партнер на стопанството, со што би се постигнала заедничката цел и на државата и на бизнисот за динамичен економски развој, истакнуваат од стопанските комори, потсетувајќи дека администрацијата треба да биде професионална, ослободена од политика, ефикасна и, како сервис на граѓаните и на стопанството, да работи на развој на земјата.
Според претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, тоа ќе се постигне само со попрецизно дефинирање на односот помеѓу државата и приватниот сектор.
– Наместо како сега, да се дејствува стихијно и инцидентно во градењето на релациите со бизнис-заедницата и во дефинирањето на стратегиските приоритети, треба да се почне од обврската за консултација на бизнисот при донесување на прописите, зголемување на квалитетот и брзината на јавната администрација, поддршка и промоција на извозот, па до подобрување на состојбите во правосудството, создавање кадар во согласност со потребите на стопанството, квалитетен економско-социјален дијалог, индустриски политики и стратегии за развој – смета Азески.
И Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека политичарите и администрацијата мораат да бидат партнер на бизнисот, затоа што само така државата може нормално да функционира и да се развива.
– Бизнисот е тој што отвора нови работни места, инвестира во опрема и нови производствени погони и создава новододадена вредност, која е основа за покривање не само на сопствените трошоци туку, преку даноците, таксите и другите давачки, ја финансира и целокупната државна администрација. Затоа е потребна нивна соработка за утврдување на приоритетите и за отстранување на сите пречки што му штетат на бизнисот и на неговиот развој – истакна Димитров.
Според него, во социјализмот државата била таа што го планирала развојот, но и инвестирала во отворањето нови работни места и нови претпријатија, сега таа улога ја имаат претприемачите, нивни се идеите, но и ризиците и последиците од лошите инвестиции.
– Политичарите и администрацијата треба само да помагаат во тој процес, а во никој случај не смеат да бидат пречка за развојот на бизнисот. Соработката не треба да се сведе само на укажување на грешките, туку многу повеќе. Државата треба да создаде добри услови за стопанисување за да можат нашите претпријатија да бидат конкурентни на светските пазари – смета Димитров.
Добрите услови за стопанисување, вели тој, не е само брзината на регистрација на фирма или пристап до финансии, туку и обезбедување добра инфраструктура, патишта, гасовод, гранични премини, системи за наводнување, добро образование. Но исто така, како што додава тој, многу е важно државната администрација да сфати дека таа е таму за да помага на бизнисот, а не да му пречи.
– Сметам дека политичарите се доволно свесни за улогата на бизнисот и на економските институции за развојот на државата. Но понекогаш нивен приоритет се гласовите на избирачите на следните избори. За жал, нашите избирачи не ја гледаат пошироката слика и честопати потпаѓаат на разни финти на политичарите, а тоа претставува поттик за политичарите да ја стават политичката пропаганда високо на својата агенда. Честопати ваквите постапки даваат некакви резултати на многу краток рок, а не се битни и дури се штетни за иднината на државата – појаснува Димитров.
Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, институционалниот капацитет на една национална економија претставува доминантен фактор за нејзиното функционирање, особено во т.н. функционална пазарна економија.
– Не е случајно што во сите извештаи на Европската комисија, Светската банка или, пак, други меѓународни институции, на ова се обрнува посебно внимание. Функционалноста на администрацијата, од регулирањето до реализацијата и надзорот, претставува фундаментален услов за успешен бизнис и економија. Ние сѐ уште сме предалеку од функционална пазарна економија. Се чека со години на одредени согласности само поради нефункционалното и некоординирано постапување на институциите – објаснува Беџети.
Како што додава тој, не е проблемот во укажувањето на бизнисот туку во дејствувањето и сѐ додека нема разрешувања и одговорност за ваквите состојби, нема да биде подобро.
– Самата бирократија има инсталиран т.н. автоматски регулатор за деструктивно однесување за да ја оправдува својата потреба за егзистирање. Ова е работа со која врвот на институциите треба да се занимава и едноставно на една специјална седница да разреши десетина „бирократи“ што ги закочуваат сите овие работи, па ќе видиме како ќе проработи тркалото – појаснува Беџети.