Владеење на правото и борба против корупцијата, зајакнување на економската дипломатија, демонстрирање проактивно лидерство како и минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања се клучните приоритети на деловната заедница, кои беа презентирани на првата работна средба на претседателот на државата, Стево Пендаровски, со претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Даниела Арсовска и членовите на управниот одбор.
Арсовска ги посочи најважните структурни реформи кои треба да бидат приоритет за национална и економска перспектива, а врз кои свое влијание има и претседателот како институција.
– Правната сигурност е основа за функционирање и развој на една држава и се спроведува преку независност на судството и борба со секој вид коруптивно однесување. Владеење на правото е основа за почеток на преговори со ЕУ и услов број еден за инвестиции во земјата. Потребно е целосно реформирање на системот на правна држава и воспоставување механизми за почитување на правниот систем, регулативата и ефикасна јавна администрација. За исполнување на наведеното, време е државата да направи сериозен исчекор во борбата со корупцијата и криминалното однесување за што поскоро приватниот и граѓанскиот сектор да ја вратат довербата во правната држава – истакна Арсовска.
Таа додаде дека за да се излезе од оваа состојба која директно влијае на стопанството и инвестициите, потребни се силен исчекор и заложба од страна на сите позиции и органи на власта како и подготвеност да се справат со предизвиците.
– Мотор на промените е приватниот сектор и ако приватните иницијативи не бидат поддржани од државата, нема да има севкупен развој. Изминатите 30 години политиката правеше сѐ на многу начини да го попречи бизнисот, и што е најтрагично – да го стави под своја капа. Се надевам дека последниве две години имаме позитивни исчекори во таа насока, дека бизнисот треба постепено да се ослободува од политичките стеги – рече Пендаровски.
Тој истакна дека економскиот пораст е приоритет и треба сите капацитети да се соберат и да се искористат во таа насока, а политиката да не го попречува тоа.
– Успешно меѓународно претставување на земјата и привлекување на интересот за инвестиции, но и за пласирање на македонските производи на странските пазари е од голема важност за економскиот развој на Македонија. Сојузот на стопански комори има отворени врати за соработка со стопанските комори и деловни асоцијации од пет континенти – посочи Арсовска, која исто така истакна дека заедничкото претставување во голем дел ќе влијае во остварување на економските цели на државата насочени кон зголемување на извозот.
Таа нагласи дека секоја меѓународна посета на претседателот на државата треба да се искористи и за презентирање на економските потенцијали.
– Важно во делот на економската дипломатија е лицата кои се кадровски решенија за поставување во дипломатските претставништва да имаат вештини и желба да дејствуваат на промоција на Македонија како инвестициска дестинација, но и да служат како линк за деловната заедница во државата каде што се поставени како дипломати. Дополнително, потребно е да се поттикне зголемувањето на надворешната трговија, особено на извозот, со оглед на тоа што пет отсто од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници – дополни Арсовска. Е.Р.