Формирањето комора на тезгаџии да не се регулира со Законот за трговија на зелени пазари, а трговците поединци, пензионерите, лицата со договор на дело и вработените да се вратат во законското решение, да им се дозволи да продаваат на пазар, смета Стопанската комора на Македонија и најавува иницијатива за отворање широка јавна дебата по ова прашање доколку тоа не го сторат институциите.
Според Комората, анкетите покажале дека токму на овие четири категории пазарџии отпаѓаат 30 до 50 проценти од закупците на тезги, а во некои градови тие се дури 70 проценти.
Како што изјави денеска Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора, на закупците на тезги е да одлучат дали сакаат да се организираат, во каква форма и дали им треба посебна комора.
– Станува збор за специфична категорија работодавачи кои не остваруваат толку големи примања за да имаат дополнителни трошоци. Регулирањето на нивното работење е веќе видливо низ институциите на системот и прашање е дали има потреба преку посебна комора дополнително да се оптоваруваат. Сепак, закупците на тезги треба да одлучат дали им треба комора и како да се формира и во таа ситуација , никаков коморски систем во рамки на Законот за трговија на зелените пазари. Ако имаат интерес за комора, таа може да се формира и надвор од Законот. Нема потреба во Законот да се дефинира коморски систем зашто ако се види Законот, ќе се увиди дека најголем дел од членовите отпааѓаат на формирањето коморски систем, а не на дејноста „зелени пазари“ со што всушост се изгуби и смислата на постоење на законското решение – истакна Михајловска Василевска.
За стечајците и социјалните случаи Групацијата, дополни Михајловска, не се чувствува надлежна да коментира зашто тие примаат одреден надомест од државата.
Став на Групцијата е и дека работењето на зелените пазари треба да се уреди со неколку членови во Законот за трговија.
– Нашата интенција е да има сериозни измени во Законот за трговија на зелени пазари што би подразбирало регулирање на тоа кој се може да продава на пазарите, а вториот сегмент е функционалноста на законот и дефинирање коморски систем на закупците на тезги. Групацијата уште на крајот на 2015 година поднесе до Министерството за економија заклучок дека не се согласува со дефинирање комора на закупци на тезги зашто според нас нема потреба од постоење комора кога тие обврски може да ги вршат надлежни државни институции. Точно е дека ваков предлог е доставен и дека по таквиот предлог Групацијата се изјасни дека не го прифаќа. По 2015 година никогаш не е доставен ваков предлог, единствено добивме изгласување Закон во јануари 2018 со кој ние не се согласуваме. Ставот на Групација на пазари е дека ваков коморски систем за организатори на пазари е неприфатлив – децидна е Михајловска.
Според неа, ако на ваков начин се предлага законско решение, тоа е неприфатливо за Групацијата за пазари и треба да се размислува за враќање на членови во Законот за трговија со кои ќе се дефинира дејноста на зелените пазари без дополнително да се комплицита со цело законско решение.
Законот за трговија на зелени пазари беше донесен во јануари 2018 година, но неговата примена, наместо од почетокот на 2019-та, како што се најавуваше, е одложена за една година по рекциите на тезгаџиите и организаторите на пазари.