Добро е што има мерки за одредени категории граѓани, и треба сиромашните и загрозените да бидат опфатени со разни програми за поддршка, но тоа мора да е во согласност со приходите во буџетот, да биде испланирано во согласност со приливите што ќе бидат остварени, а не да се покрива со дополнителни задолжувања, објаснуваат економистите
ПО УШТЕ ЕДНА ПРЕДИЗБОРНА НАЈАВА ЗА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ
Помошта што им се најавува на одредени категории граѓани пред локалните избори упатува на дневнополитичка пропаганда и на чист популизам, оценуваат економистите откога премиерот Зоран Заев најави проширување на списокот на лица што ќе добијат помош од државата, а кои работеле речиси 15 години во некои од компаниите во сопственост на државата. Конкретно, Заев објасни дека државата веќе им помага на стечајците што имаат 15 години стаж, а со проширувањето на листата на стечајци помош ќе добијат и граѓаните што работеле во државни претпријатија но немаат 15 години стаж.
– Се донесе Закон за материјално обезбедување на невработени лица што поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата останале без работа. Досега надоместок примаат околу 13 илјади граѓани. Но чувството на нееднаквост кај лицата што работеле 14 години и 10 месеци или 14 години и седум месеци е сосема оправдано, оти и тие како нивните колеги работеле заедно иста работа – кажа Заев.
Упорно се одбегнуваат системски решенија
Иако станува збор за чин со кој им се помага на граѓани што се соочуваат со тешкотии, сепак, помошта што се најавува пред локалните избори упатува на дневнополитичка пропаганда, појаснуваат економистите. Тие укажуваат дека потребни се систематски решенија за намалување на сиромаштијата во земјата.
– Веќе позната практика на оваа влада, како и на владата на ВМРО-ДПМНЕ, е да избегнува систематско решавање на проблемите на работничката класа и наместо тоа, обично пред избори, да најавува на фанфари многу поситни мерки, кои таргетираат конкретно одредена тесна категорија работници и сиромашни. Мотивацијата е повеќе од јасна: обезбедување дополнителен прилив гласови на изборите – вели универзитетскиот професор Здравко Савески.
Тој дополнува дека многу подобро решение за стечајните работници би било враќање на претходниот закон.
– Во конкретниот случај, за адресирање на проблемите на хронично невработените работници, особено на повозрасните стечајни работници, една од мерките што треба да се применат е да се врати старото законско решение со кое на невработените работници што имаат над 15 години стаж на осигурување им се исплаќаше паричен надоместок до вработување или пензионирање кога им недостигаа до пет години до исполнувањето на условите за стекнување старосна пензија. Со сегашното законско решение, овој период од пет години е намален само на година и половина. Со враќањето на ова законско решение, на повозрасните работници што се соочуваат со големи тешкотии да најдат работа ќе им се врати едно одземено работничко право. Но ваквите законски решенија ја имаат маната од страна на власта што непосредно не создаваат впечаток дека власта е великодушна. Односно, некои би можеле да заклучат дека само го добиваат назад претходно изгубеното право и дека не мора поради тоа на избори да гласаат за партиите на власт – потенцира Савески.
Професорот објаснува дека на помладите работници што немаат над 15 години работен стаж треба да им се обезбеди преквалификација со цел да можат самите да обезбедуваат средства за егзистенција, во повисок износ од надоместокот што би им го давала државата.
Социјалната политика никако да се сообрази со економијата
Дека постои голема доза селективност и популизам при донесувањето на социјално-економски мерки потврдува и поранешниот гувернер Петар Гошев.
– Добро е да се решаваат социјалните случаеви, но буџетот нема кондиција да ги исполни сите овие ветувања. Гледаме дека сега повторно ја отвораат дискусијата за раст на даноците и притоа повторно ги консултираат оние што треба да платат. Ова што сега се ветува е во насока на дневен популизам, на една социјална политика што е несообразена со капацитетите на економијата на земјата. Има селективност и популизам, а тоа не е начин на водење економска политика. Добро е што има мерки за посиромашните граѓани, и треба сиромашните и засегнатите лица да бидат опфатени со разни програми за поддршка, но тоа треба да е во согласност со приходите во буџетот, да биде испланирано во согласност со приливите што ќе бидат остварени, а не се дополнителни задолжувања – вели Гошев.
Тој објаснува дека мерката за стечајците, но и други мерки, како што е законот за легализација на дивоградби, кој на крајот беше повлечен, целат кон привлекување гласачи. Освен тоа, Гошев укажува и дека се распродаваат јавни добра, државен имот, за да се пополнат буџетските дупки, а се ветуваат проекти за кои не е сигурно дека ќе има финансии за нивно реализирање.
Мерките за граѓаните ги претставуваат како да даваат пари од сопствениот џеб
И еден од поранешните министри за финансии, Џевдет Хајредини, смета дека, освен што при креирањето и промовирањето на владините политики популизмот постојано ги надминува воспоставените граници, во голема мера се злоупотребува и состојбата со пандемијава.
– За жал, сведоци сме на еден груб агресивен демагошки популизам, кој ги надминува и размерите на она што мислевме дека нема да се врати, односно на времето на ВМРО на чело со Груевски, кој со ваков популизам се обраќаше до граѓаните на Македонија. Сега, за жал, се користи и ситуацијата создадена од пандемијата, па во овој предизборен период се презентира, од Владата и Министерството за финансии, помошта што ја заслужуваат посиромашните граѓани, кои се и попогодените од последиците на пандемијата како големо постигнување. Деновиве видовме една најава за раст на даноците, чија цел е да се види реакција на јавноста, а плановите за раст на даноците сигурно се со цел раст на и онака енормниот буџет и задолжување. Наместо раст на стапките на даноците, треба да се воведе нов даночен систем, кој е поконзистентен, пофункционален, постимулативен за стопанството… Мерките за граѓаните ги претставуваат како да даваат пари од џеб, а тоа е нивна задача и тоа се пари од граѓаните, не дека прават некаква хумана цел, и натаму ако се оди на зголемување на буџетот и на стапките за даноците воопшто не е оправдано – објаснува Хајредини.