Отпорноста на енергетскиот пазар во време на пандемија, хармонизирањето на европската регулатива со законите од земјите-членки на Енергетската заедница, интеграцијата на енергетските пазари на големо се само дел од темите на кои се дискутираше на 45-от состанок на Одборот на регулатори на Енергетската заедница, со кој претседаваше Марко Бислимоски, кој од минатата година е избран за претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница.
Бислимоски посочи дека од стратегиски интерес за земјите од регионот е да продолжат да го усогласуваат домашното со европското законодавство за енергетските пазари да се развиваат по исти правила во насока на создавање единствен пазар на енергија во Европа и да може координирано да одговори во вонредна состојба како пандемијата.
– Енергетиката е исправена пред предизвикот да одговори на менаџирање на енергетските системи во вонредна состојба и да обезбеди сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија, но и гас и нафта. Се соочивме со затворени граници, големите компании и фабрики привремено затворија, што се одрази со пад на потрошувачката на електрична енергија, гас и нафта. Складиштата се преполнија со нафта, некои од производителите во еден период ја даваат нафтата по симболични цени, оти затворањето на платформите не беше во игра, бидејќи рестартирањето ќе значеше трошоци што ќе ги загрозеа големите нафтени компании. Во состојба на постојано производство поголемо од потребното оти потрошувачка одеднаш драстично се намали, цените на енергентите стрмоглаво одеа надолу.
Динамична и неочекувана состојба во која енергетските компании од минута во минута се реорганизираат за да не се наруши системот на работа, во случај да имаат заболен од ковид-19. За да се има координиран одговор и системски, неопходно е да се продолжи со усогласување на законите за да можат сите земји организирано да реагираат, затоа што енергетските системи не се сами за себе, туку се врзани садови. Враќањето во нормала и рестартирањето на животот воопшто од денешен аспект е доста комплексно и полно со неизвесност. Практично, оваа вонредна состојба значи правење тимови од компании, институции и потрошувачи за ново нормално функционирање – изјави Бислимоски.
Регулаторите од сите земји-членки на Енергетската заедница, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Украина, се дел од Одборот на регулатори на Енергетската заедница, чие функционирање е на три столба: координирани регулаторни позиции за енергетската политика, усогласување на регулаторните правила преку границите и споделување регулаторно знаење и искуство. П.О.