Инфлацијата во еврозоната е во постојан раст. Годишната инфлација во еврозоната достигна рекордно високо ниво од 4,9 отсто во ноември, поттикната од растот на цените на енергијата, покажува првата месечна процена објавена од Евростат. Европската статистичка служба нема регистрирано таква вредност од почетокот на своите процени, утврдени пред повеќе од 20 години. Кои мерки треба да ги преземе Македонија за да се превенираат и ублажат неповолните ефекти врз економијата и граѓаните
НЕПОВОЛНИТЕ ЕВРОПСКИ ТРЕНДОВИ СЕ ПРЕСЛИКУВААТ И ВРЗ МАКЕДОНИЈА
Инфлацијата е над очекувањата во многу земји, а новите несигурности, како растот на цените на суровините, ги ставија пазарите во состојба на готовност.
Македонската економија е мала, отворена и увозно зависна. Секое од глобалните нарушувања, како на пазарот на енергија и храна така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија. Растот на цените, пандемијата, енергетската криза и нарушените синџири на снабдување ја зголемија инфлацијата. Бизнис-секторот вели дека зголемените глобални цени и намалената глобална економска активност имаат неповолни ефекти на домашната економија и раст на инфлацијата. Народната банка на Северна Македонија изврши корекција на инфлацијата за годинава на 3,1 отсто. На почетокот на годинава, Народната банка очекуваше инфлацијата годинава да биде 1,5 отсто.
И инфлацијата во еврозоната е во постојан раст. Годишната инфлација во еврозоната достигна рекордно високо ниво од 4,9 отсто во ноември, поттикната од растот на цените на енергијата, покажува првата месечна процена објавена од Евростат. Европската статистичка служба нема регистрирано таква вредност од почетокот на своите процени, утврдени пред повеќе од 20 години.
Според Евростат, годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 4,1 отсто во октомври, а 3,4 отсто во септември. Една година порано, стапката изнесуваше -0,3 отсто. Годишната инфлација на Европската Унија беше 4,4 отсто во октомври 2021 година, во однос на 3,6 отсто во септември. Една година порано, стапката беше 0,3 отсто. Најниски годишни стапки на инфлација се регистрирани во Малта (2,3 отсто), Португалија (2,7 отсто), Финска и Франција (двете земји по 3,4 отсто), Австрија (4,1 отсто), Грција (4,3 отсто). Највисоки годишни стапки се забележани во Литванија (8,2 отсто), Естонија (6,8 отсто) и во Унгарија (6,6 отсто). Во споредба со изминатите месеци, годишната инфлација се зголеми во сите дваесет и седум земји-членки. Во ноември, најголем придонес во годишната стапка на инфлација во еврозоната имаше енергетиката.
Повисоките остварувања во текот на годината и нагорните корекции кај надворешните влезни претпоставки за цените на енергијата и храната во Македонија доведоа до умерена нагорна ревизија на стапката на инфлација за 2021 година, при што Народната банка оценува дека таа ќе изнесува 3,1 отсто, додека во претходната априлска проекција таа беше 2,2 отсто.
– Увозните притисоци поврзани со повисоките глобални цени на енергентите и храната и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката се оценуваат главно како привремени и се очекува дека тие постепено ќе се исцрпуваат во втората половина од наредната година. Оттука, во 2022 година се очекува дека стапката на инфлација ќе се намали и во просек ќе изнесува 2,4 отсто, што претставува малку повисокo ниво во споредба со априлската оцена (2 отсто). Понатаму, во 2023 ‒ 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе се стабилизира и ќе се движи околу историскиот просек од 2 отсто – велат од Народната банка.
Сепак, оттаму истакнуваат дека доколку глобалната економија, а посебно нашите најзначајни трговски партнери закрепнуваат со позабавена динамика од таа што сега ја очекуваат, тоа ќе претставува и ризик за патеката на закрепнување на нашата економија.
Сања Маџаревиќ Шустер, економистка за земјите од Западен Балкан во Светската банка, напоменува дека очекувањата и процените се дека ова е привремена појава, дека ќе видиме зголемување оваа година, меѓутоа како ќе се нормализира состојбата, ќе има стабилизирање на инфлацијата.
– На краток рок гледаме зголемување на инфлацијата, на среден рок нормализација, односно уште на почетокот на следната година, додека на долг рок цените на енергија ќе треба да се зголемуваат – потенцира Маџаревиќ Шустер.
Како што додава таа, зголемувањето на цените на храната, најверојатно, ќе ја еродира куповната моќ на посиромашните домаќинства, со оглед на големото учество на храната во нивната потрошувачка кошница и ќе влијае врз севкупната потрошувачка.
Според професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични.
– Според индексот на цените на мало, инфлацијата веќе достигнува околу 4 отсто и можеби годинава ќе заврши до 5 отсто инфлација. Тоа е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница – посочува Беџети.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов за „Нова Македонија“ објасни дека е потребно државата да применува добра макроекономска политика за да се спречи понатамошен раст на инфлацијата.
– Ќе треба да се креираат мерки со кои ќе им се помогне на граѓаните и на компаниите што се на удар за да можат да ја премостат кризата и да не затворат фирмите. Сметам дека нема потреба од замрзнување на цените, туку треба детално да се согледа состојбата заедно со коморите и да се најдат мерки што ќе ги спасат фирмите – смета Узунов.
Тој дополнува дека, сепак, цената на храната и понатаму ќе има нагорни тенденции, дека мора да бидеме свесни дека цените на храната нема да бидат ниски во иднина, тие постојано растат бидејќи на светот му треба храна.
– Во овој сегмент можеме многу да понудиме и да го ублажиме ударот, а не го правиме тоа. Потребни ни се сериозни промени во политиките за да почнеме да произведуваме повеќе храна и да извезуваме. Имаме солидна предност што треба да ја искористиме и наместо да јадеме скапи увозни земјоделски производи, да јадеме домашни – вели Узунов.