Сојузот на синдикати бара директна парична помош за работниците и компаните во најпогодените сектори, повеќе услови за пензионирање и сабота и недела да бидат неработни денови, во барањата кои денеска му ги испорача на премиерот Зоран Заев, кој заедно со економскиот тим на Владата беше на средба во ССМ.
Заев истакна дека Владата има добра волја за задолжителното пензионирање со 62 за жени и 64 години за мажи и можноста за откуп на стажот до пет години, но оти треба да се разработи во кои услови и за кои сектори ќе важи ваквиот закон. Премиерот порача и дека мора да се зголеми продуктивноста на трудот.
– Сакаме швајцарски плати, затоа мораме да работиме како Швајцарија. Сакаме поголеми плати, мораме да имаме поголема продуктивност на трудот. Сите граѓани, а пред се работниците очекуваат повисоки плати, но повисоки плати не следуваат ако има помалку работа – порача Заев.
Синдикатот предлага и договорот на определено време да не биде подолг од една година, а породилното отсуство да биде продолжено до 12 месеци, а Заев и економскиот тим на Владата ветија минимална плата од 20 илјади денари, предвремено пензионирање до пет години, недела да биде неработен ден и нов закон за работни односи, кој ќе ги содржи европските стандарди.