Реформите во секторот енергетика се спроведуваат со предвидената динамика, напредокот во оваа област е видлив, а Владата и Регулаторната комисија за енергетика ги завршуваат навремено сите процеси предвидени со новиот Закон за енергетика, изјавија вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски, во рамките на работилница за енергетика на која беше презентиран новиот Закон, подзаконските акти кои произлегуваат од него, како и актуелните случувања во енергетскиот сектор.
– Плодовите од новиот Закон за енергетика веќе ги гледаме. Реформите во енергетиката дефинитивно се на едно од првите места кога станува збор за имплементација на реформите во државата. Извештајот за напредокот од Европската Комисија укажува дека, во однос на економските поглавја, во ова поглавје постои најголем прогрес, додека Секретаријатот на Енергетската заедница ги поништи тужбите поднесени кон Република Македонија, за неимплементацијата на енергетските реформи во минатото. Енергетиката ги засега сите граѓани, а со новиот Закон се опфатени сите енергенси, кои граѓаните ги користат секојдневно – подвлече вицепремиерот.
Анѓушев потенцираше дека со имплементацијата на Законот за енергетика во изминатата година, сите упатени критики во врска со оваа тема се покажаа неаргументирани и неточни.
Бислимоски изјави дека регулаторната комисија за енергетика, почитувајќи ги кусите рокови предвидени со Законот за енергетика, во рекордно брзо време го донела пакетот на подзаконски акти со кои се овозможува имплементација на Законот.
– На тој начин обезбедивме либерализација на пазарот на електрична енергија, осигуравме да нема ценовни шокови, комерцијалните потрошувачи ги намалија трошоците за електрична енергија од 20 до 30 отсто, а воедно овозможивме и намалување на цената за пренос на природен гас за 12 отсто, со што им овозможивме помали трошоци на сите компании кои го користат овој енергенс. Зборувавме и за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и нѐ радува тоа што со новиот концепт за поддршка на обновливи извори, трошоците за обновливи извори, кои досега ги плаќаа сите граѓани преку т.н повластената тарифа и која влијаеше со 7 отсто во цената, во иднина субвенцијата ќе биде обезбедена директно од буџетот на државата, со што ќе нема влијание врз цената на електрична енергија на крајните потрошувачи – наведе Бислимоски.
На дводневната работилница, која беше планирана за детално информирање во врска со Законот за енергетика и подзаконските акти кои произлегуваат од Законот, учествуваа уредници и новинари од повеќе медиуми кои известуваат за секторот енергетика, а на самата работилница се обрати и Хари Бојд Карпентер, директор за енергетски прашања во Европската Банка за обнова и развој, која ги поддржува енергетските реформи во Република Македонија.