Поради недостиг од квалитетни патни решенија цели региони
сѐ уште се пасивни
Најмалку три аспекти ја оправдуваат идејата за изградба на тунели, а тоа се економичноста, брзината, бидејќи побрзо ќе се стигнува до планираната дестинација, и одржувањето, кое ќе биде и полесно и поевтино
Квалитетна патна мрежа е еден од главните предуслови за развој на економијата и наедно за развој на државата. Сепак, патната поврзаност меѓу различни региони во земјава сѐ уште е многу слаба и состојбите на терен бавно се менуваат, иако бизнис-заедницата постојано апелира дека е потребно подобрување на тој план. Најновиот апел дојде од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој во својата колумна, меѓу другото, ја реафирмира идејата за пробивање тунели на планинските превои низ земјава, со што би се забрзал протокот на возилата, би се намалил огромниот одлив на пари за зимско одржување на планинските патишта и наедно би се зголемиле инвестициите во инфраструктурата, како најважен поттик за развој на стопанството.
– При отворањето на нашата регионална комора во Кичево пред десет години, јавно кажав дека Охрид и Кичево имаат заеднички непријател кој се вика Стража и дека не смееме да дозволиме нашите предци пред педесет години да го решат прашањето на железничката пруга со пробивање тунел од Стража, а ние тоа да не го направиме до денес. Оттогаш поминаа десет години. Не само што тоа прашање не се реши туку не се доврши ниту автопатот од Кичево до Охрид, којшто и понатаму Охрид, како најголем туристички центар, и целиот регион ги држи во економско заробеништво – објаснува Азески.
Освен Стража, проблематични се и Ѓавато, Плетвар, Пресека…
Тој објаснува дека освен планинскиот превој Стража, проблематични се и Ѓавато, Плетвар и Пресека, поради што, според него, логично се поставува прашањето за излез на одредени региони од една географска блокада, која ги отсекува од комуникациите со главниот центар во државата, но и од главните комуникации кон север, кои се значајни за стопанството.
– Сигурен сум дека во овие педесет години, потрошените пари за одржување на планинските превои во западна Македонија ќе исфинансираа тунел на релацијата Скопје – Охрид. Да не зборувам за тешкотиите на камионџиите што ја превезуваат стоката во зимски услови, бидејќи нема пруга, како и за жртвите и опасностите што демнат на секој чекор. Значи, најмалку три аспекти ја оправдуваат идејата за изградба на тунел, а тоа се економичноста, брзината, бидејќи побрзо ќе се стигнува до планираната дестинација, и одржувањето, кое ќе биде и полесно и поевтино – потенцира Азески.
Како што додава тој, поради неинвестирање во инфраструктурата од страна на државата, бизнисот мора да бара решение и тој да се врти кон Албанија и Грција, затоа што на тие правци нема превои, а има подобри автопатишта.
Домашните превозници се во загуби поради лошите патишта, а странските
превозници ги одбегнуваат
Асоцијација „Макам-транс“ долги години укажува на потребата од изградба на целосна патна инфраструктура низ државата што ќе овозможи достапност до секое место, а со тоа и еднаков развој во државата.
– Развиена и подобрена патна инфраструктура значи заштеда на време и трошоци за превоз, но и намалени штети. Патната инфраструктура е базата, а сѐ друго е надградба. Имплементацијата на секоја одделна национална стратегија треба да биде императив на секој што ќе биде на власт во тој момент, без разлика кој ја донел или изработил. Развојот на севкупното стопанство и градењето патна инфраструктура се обврски на државата, која преку ефикасни проекти и стимулативни мерки ќе придонесе за развој на секој дел од нашата држава – вели Биљана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“.
Таа појаснува дека ова е предуслов за подобрување на квалитетот, квантитетот и безбедноста на превозот на стока, затоа што во согласност со статистички податоци превозот на стока во нашата држава и во увоз и извоз во 96 отсто случаи се врши со возила во патниот сообраќај.
– Превозот на стока е специфичен и многу опасен занает, преполн со ризици на секој дел од патот каде што се движат возилата, затоа безбедноста, флексибилноста и брзиот пристап до секое место се основа за развој на севкупното стопанство. Превозот ќе стагнира доколку не се обезбедуваат соодветни услови за пристап на европскиот транспортен пазар, а странските превозници ќе нѐ одбегнуваат и ќе бараат подобри и посигурни патишта – смета Муратовска.
Како што истакнува таа, секоја година транспортерите се соочуваат со замрзнати гранични премини, планински превои и пристапи до царински терминали, затоа што нема кој навреме да ги исчисти за да се врши превозот.
– Во летниот период, кога стапуваат во сила забрани за движење по патиштата на нашата држава, нема и не постојат паркинг-простори за тешки товарни возила во близината на граничните премини, каде што би можело да се паркираат возилата, а возачите да имаат ладна просторија и санитарен јазол за да можат на безбеден начин да го поминат времето во кое не можат да ги управуваат возилата, бидејќи државните органи со декрет го забраниле нивното движење, а не ја обезбедиле потребната инфраструктура – посочува Муратовска.
Според неа, проектот „Отворен Балкан“ дава можности за развој на сите стопански субјекти во државата, но затоа државниот апарат треба да го даде својот придонес во градење на потребната инфраструктура.
– Треба да се следи примерот на Грција, Србија и Хрватска, кои имаат изградено огромна патна инфраструктура, а со тоа ја даваат основата за развој на севкупното стопанство – вели Муратовска.
Економските политики да не се базираат на политички
туку на економски циклуси
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, смета дека ова е уште еден пример од кој се гледа дека Владата и институциите треба да соработуваат суштински со бизнис-заедницата, а не само проформа.
– Нивните укажувања за приоритети на капитални инфраструктурни проекти што директно се поврзани со подобрување на бизнис-амбиентот треба да бидат основа за определба на приоритетите. Во конкретниот случај, запоставувањето на Коридорот 8 не е од денес, тој е запоставен во целиот досегашен период, затоа не може само еден крак од само 65 километри на железничка инфраструктура (Белјаковце – бугарска граница) да се реализира за цели три декади – нагласува Беџети.
Тој вели дека политичките елити што ги водат институциите и ги креираат политиките и приоритетите се водат според политички критериуми од избори до избори, а не според потребите на економијата.
– Според нив, политички попродуктивни се помали проекти „распрскани“ по цела територија за да придобиваат политички поени и гласови во изборните циклуси додека големите капитални проекти не ги тангираат директно гласачите во конкретните изборни циклуси. Затоа овие проекти се запоставени досега – потенцира Беџети, укажувајќи дека економските политики не треба да се базираат на политички циклуси, туку на економски.