Бизнис-заедницата бара засилени контроли и инспекции и спречување на нелојалната конкуренција, бидејќи со непријавувањето на работниците се урива пазарот, а одредени фирми што не ги намируваат давачките кон државата се стекнуваат со нелојална предност
Работници ангажирани во земјоделството, градежништвото, угостителството, но и преведувачи, програмери, лингвисти…, најчесто се меѓу оние што работат без дефиниран статус и за кои не се намируваат обврските кон државата, покажуваат анализите на упатените откога деновиве беше објавена информацијата дека во централниот дел на Скопје биле откриени голем број градежни работници од странство што во земјава работеле непријавени.
Факт е дека непријавените работници опфаќаат голем сегмент од сивата економија во Македонија, а покрај непочитувањето на законите, со нивното непријавување, истите тие немаат право ниту на здравствено ниту, пак, на пензиско осигурување. Упатените истакнуваат дека иако со законите се дефинирани условите за работа, сепак, истите тие се заобиколуваат, а за да не се повторува тоа, укажуваат дека е потребно државата да обезбеди начини за реализација на законските одредби.
– Кога државата пропишува одредени одредби, ако намерно не планира тие да останат само празни зборови на хартија, треба да обезбеди механизми за нивно спроведување. Инспекторатот за труд има помалку кадар дури и од она што е пропишано со нивната систематизација на работните места. Зошто, кога постојано се зборува за вишок вработени во јавната администрација, кај Инспекторатот за труд и другите инспекторати има недостиг од вработени? И не е само тоа проблемот. Има сериозни индикации за високо ниво на корумпираност, многу работници се жалат дека, иако законот бил на нивна страна, трудовиот инспекторат што ја извршил инспекцијата не утврдил ништо спорно – посочува професорот Здравко Савески.
Сепак, Савески истакнува дека и работниците мора да се борат за своите права и дека мора да се организираат за да се заштитат.
– Самите работници треба да знаат дека со префрлање на топката не се решаваат нивните проблеми. Ако не сакаат да им се кршат правата од работен однос, треба да се организираат и да се спротивстават. А не да чекаат државата да им ги решава проблемите, бидејќи очигледно кај неа со години и децении отсуствува волја да се обезбеди ефективна заштита дури и на оние минимални права што им ги гарантирала на работниците – дополнува Савески.
Непријавените работници се значаeн сегмент од сивата економија, со што се создаваат нееднакви услови на штета на компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси и се придржуваат до законската регулатива, велат претставниците на коморите. Бизнис-заедницата бара засилени контроли и инспекции и спречување на нелојалната конкуренција, бидејќи со непријавувањето на работниците се урива пазарот, а одредени фирми што не ги намируваат давачките кон државата се стекнуваат со нелојална предност. Стопанствениците уверуваат дека спречувањето на оваа појава ќе има позитивен ефект врз севкупната економија.
– Секој што врши дејност во Македонија мора да има обврска да плаќа данок, а не само оние што работат регистрирано. Доколку се стават во употреба механизмите за засилување на контролата и наплатата на непријавени даноци, ќе се постигне поволен ефект во буџетот и ќе се создаде амбиент за изработување реформски мерки од креаторите на политиката што би биле насочени кон обезбедување поквалитетни услови за живот. Целта на инспекциските служби треба да биде детектирање и воведување на оние што работат нерегистрирано, да се регистрираат и да станат рамноправни на пазарот со другите субјекти. Компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот – прецизираат од коморите.
Досегашните истражувања покажале дека непријавени работници најчесто биле ангажирани во земјоделството, општите мануелни работи, рестораните, градежништвото… Најчеста причина за работа во неформалната економија е недостигот од регуларни работни места, потоа сезонскиот карактер на работата, економската корист од неформалната работа за работникот и за клиентот, распространетоста на неформалната работа во секторот/регионот и недостигот од доверба во државата.