Светските аналитичари укажуваат дека пандемијата е добра причина и уште подобар повод кога политичарите ги разгледуваат опциите за ефикасни економски мерки, реструктурирања и зафати на повеќе полиња, како што се финансиско-економското, реалната економија, примарното стопанство, градежното и инфраструктурно поле, но и ИТ-секторот во насока првенствено на амортизирање на кризата, но и создавање перспективи и предуслови за посткорона одржлив раст на националните економии
Со поголема додадена вредност, поголема работна ангажираност и продуктивност до повисок стандард
Без нов пораст на продуктивноста, светот ќе се бори да го постигне истото ниво на економски раст во наредната деценија, смета Џим О’Нил, поранешен претседател на Одборот за управување со капитал во Голдман Сакс и поранешен британски министер за финансии, а сега е претседател на „Чатам хаус“. О’Нил во повеќе наврати јавно посочува дека речиси сите земји што обично достигнуваат највисоко ниво на индекси за одржлив економски раст, генерално со тековната криза се справија многу подобро од другите.
– Што се смета за одржлив економски раст? Технолошкото усвојување се покажа како клучна детерминанта при брзото и ефикасно тестирање за ковид-19, како и следењето и проследувањето на контактите според протоколите. Друга важна варијабла на индексот беше колку еднакво растот се дели на населението. Повторно, земјите со повисок БДП по жител и повисок просечен приход на домаќинства генерално се подобри во текот на актуелната криза – посочува О’Нил и дополнува дека кога политичарите ги разгледуваат инфраструктурните потреби, треба да се запрашаат што е поважно, дали грандиозни проекти, како железнички системи и нови згради, или помалку „атрактивни“ инвестиции, како широкопојасен интернет и образование.
Според О’Нил, рестрикциите поради ковид-19 веќе променија на подобро одредени карактеристики во нашата работа и начин на живот, и смета дека во постпандемиската економија повеќе ќе се применува работа од дома, урбаните населби нема да бидат толку густо населени…
– Иако сè уште ќе ни требаат целосно модернизирани системи за транспорт, исто така ќе ни требаат повеќе начини за можностите на луѓето да бидат подостапни. Во спротивно, економските перформанси на повеќето земји ќе останат поделени и циклично ранливи, а ќе заостануваат зад посакуваните цели – заклучува авторот.
Џозеф Е. Стиглиц, добитник на Нобелова награда по економија и професор на универзитетот „Колумбија“, и Хамид Рашид, поранешен главен директор за мултилатерални економски прашања во Министерството за надворешни работи на Бангладеш и висок советник во Бирото за развојна политика на УНД, исто така во колумна за „Проџект синдикејт“ сметаат дека голем број земји пристапиле кон комбиниран фискален и монетарен одговор, но додаваат дека сепак овие стимулативни мерки може да не ги зголемат потрошувачката и инвестициите колку што се надеваат политичарите.
– Сегашните стимулативни мерки, не беа ниту насочени ниту прецизни. Без масовно стимулирање на ликвидноста за итни случаи, веројатно би имало банкроти насекаде, загуби на организацискиот капитал и уште потежок пат кон закрепнувањето. Програмите треба да бидат повнимателно разгледани и да се мисли на долгорочните цели. За време на периодите на длабока неизвесност, заштедите се зголемуваат, бидејќи домаќинствата и деловните субјекти подготвуваат готовина од страв за она што претстои – посочуваат авторите.
Истакнуваат дека со ваквите потези се намалуваат можностите за трошење, а во исто време, банките ќе треба да го чуваат вишокот ликвидност, поради недостиг од кредитоспособни баратели што сакаат да добијат заеми.
– Зголемувањето на банкарските резерви покажува дека стимулативните политики спроведени досега имаат слаб ефект на мултипликација. Јасно е дека само банкарските кредити нема да нè извадат од сегашниот економски ќор-сокак. Тековниот вишок на ликвидност може да биде голем удар врз општеството. Покрај вообичаените стравови од долгови и инфлација, постои и добра причина за загриженост дека вишокот пари во банките ќе бидат насочени кон финансиските шпекулации. Би се соочиле со стапицата на ликвидноста и со застој во ликвидноста, односно масовно зголемување на понудата на пари и само ограничени намени од страна на домаќинствата и деловните субјекти. Сè додека пандемијата беснее, не може да има враќање во нормала. Сега е најважно да се поттикнат иницијативите за трошење – нагласуваат колумнистите.
Според Стиглиц и Рашид владите мора сами да се погрижат за актуелните ризици, со тоа што ќе им понудат обесштетување на фирмите во случај економијата да не закрепне.
– Владите треба да размислат за издавање ваучери за трошење за стимулирање на потрошувачката на домаќинствата. Ова веќе се применува во Кина, каде што локалните самоуправи од 50 града издаваат дигитални купони за купување разни стоки и услуги во одредена временска рамка. Датумот на истекување ги прави моќни стимуланси на потрошувачката и вкупната побарувачка на краток рок. Да им се даде помош на фирмите под услов да ги задржат своите работници, да ги поддржуваат трошоците за плати и оние преостанатите во однос на намалувањето на приходите на претпријатието. Лошите политики може да придонесат за нееднаквост и нестабилност и да ја поткопаат политичката поддршка за Владата токму кога е потребна за да се спречи економијата да западне во понатамошна рецесија – истакнуваат авторите.