Европската комисија усвои пакет предлози што имаат за цел зголемување на трговијата меѓу ЕУ и соседните земји во паневромедитеранскиот регион, вклучувајќи ја и Македонија
Промени во преференцијалните
трговски договори меѓу ЕУ и ПЕМ
Европската комисија најави промени во преференцијалните трговски договори што ќе овозможат подобро работење. Станува збор за договори меѓу Европската Унија (ЕУ) и 20 други трговски партнери, членки на паневромедитеранскиот регион (ПЕМ), меѓу кои е и Македонија.
Како што наведуваат од Европската комисија, предлозите ќе ги модернизираат договорите на ЕУ со 20 трговски партнери така што релевантните „правила за потеклото“ во тие договори ќе станат „пофлексибилни и попогодни за бизнисот“.
Целта е да се постигне побрзо економско закрепнување од последиците на кризата предизвикана од ковид-19 и да се поттикне регионалната соработка.
– Мораме да сториме сè што можеме за да ја олесниме трговската и економската активност меѓу ЕУ и нашите соседи на евромедитеранското подрачје и да ја промовираме регионалната интеграција – изјави европскиот комесар за економија Паоло Џентилони, појаснувајќи го чекорот што го презема ЕУ.
Еден од приоритетите во програмата на новата македонска влада, како што неодамна истакна мандатарот Зоран Заев, ќе биде токму справувањето со економските последици од пандемијата, за македонската економија да го издржи предизвикот со кој се соочува целиот свет.
– Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратегиски приоритети: членство во НАТО и Европската Унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции – рече Заев.
Од Царинската управа наведуваат дека се запознаени со новите мерки што ги предлага ЕК, но очекуваат работите да бидат појасни кога во октомври одлуката ќе ја одобри Советот на ЕУ.
– Царинската управа е целосно запознаена со новите мерки и активно учествува во процесот на менување на Конвенцијата за ПЕМ (паневромедитерански правила за потекло). Новите правила се усвоени од страна на Европската комисија, а во октомври треба да бидат усвоени од страна на Советот на ЕУ, по што овие правила треба да бидат усвоени од сите земји-членки на ЕУ и на Република Северна Македонија – велат од Царинската управа.
Според нив, новите правила за потекло треба да обезбедат поедноставени правила за одредени специфични производи, како што се отстранување на кумулативните барања, прагови за локална додадена вредност, зголемени правила за толеранција, воведување „целосна“ кумулација на потекло.
Покрај Македонија, предложените измени од страна на Европската комисија ги опфаќаат и билатералните трговски договори на ЕУ со Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија, Фарски Острови, Турција, Египет, Израел, Јордан, Либан, Палестина, Грузија, Молдавија, Украина, Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Косово.
„Правилата за потекло“ се неопходни по кој било трговски договор, бидејќи со нив се одредува која стока може да има предност при таканаречениот повластен третман.
Стоката со преференцијално потекло ги исполнува условите за увоз со пониска стапка на царина или дури со нула стапка, во зависност од преференцијалниот тарифен третман, наведуваат од Брисел.
– Потеклото на стоката е економска националност на стоката со која се тргува – истакна Џентилони.