Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) со експертска и финансиска помош ќе им помагаат на домашните мали и средни фирми доставувачи да ја подигнат конкурентноста за соработка со инвеститорите од зоните и да се поврзат со глобалните синџири за набавка. Мали и средни доставувачи од државава, заедно со фирми од Србија и од Албанија, ќе бидат дел од 100-те компании што ќе бидат поврзани со големи меѓународни компании преку дигитална платформа. Договорот за соработка и партнерство меѓу ТИРЗ и ИФЦ беше потпишан вчера, на домашните компании треба да им се обезбеди поголем дел од колачот што се создава во технолошко-индустриските развојни зони.
– Во 2020 г. вкупниот обемот на економска активност во зоните беше 3,4 милијарди евра, во 2019 година овој колач изнесуваше 3,7 милијарди евра, а според бројките што сега ги објавивме за движењата во 2021 г., очекување е дека ќе биде над четири милијарди евра. Нашата цел како држава е на домашните компании да им обезбедиме поголемо учество во овој колач – кажа Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на ТИРЗ.

Тој додаде дека ќе се подготви програма што советодавно и финансиски ќе им помогне на домашните компании да го подигнат нивото на технолошка подготвеност и да бидат конкурентни за влез и соработка со големи меѓународни компании во рамките на технолошко-индустриските развојни зони, како и регионалните, европските и светските пазари.

Регионалниот раководител на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа, Ари Нам, изјави дека преку подобрување на конкурентноста ќе се постигне поголема регионална соработка.
– Поврзувањето на локалните мали и средни претпријатија со синџирот на големите глобални компании е со цел да се подобри конкурентноста. Соработката со Дирекцијата на ТИРЗ ќе овозможи да се донесе сопствена програма со која ќе им се помогне на малите и средните претпријатија – рече Нам, посочувајќи дека во Северна Македонија има влез на доста странски инвеститори, како и можности за развој на домашните фирми.

Магдалена Шуљакова, претставничка на ИФЦ во државава, укажа дека меѓународните компании бараат начини како да ги интегрираат локалните фирми во својот производствен процес.

Првата од трите компоненти на програмата е платформата што ќе ги спои доставувачите од регионот, со големите компании што се присутни во Западен Балкан и пошироко. Таа ќе се подготвува од следниот месец и во пилот-фаза во наредните шест месеци ќе бидат опфатени 100 фирми доставувачи од Србија, Северна Македонија и од Албанија, како и купувачи што се веќе присутни во Западен Балкан, но и компании што не се присутни.