Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сѐ поголемото ориентирање спрема дигиталните решенија, дозволува ИКТ-секторот да има значителен напредок, особено во делот на е-комерц, е-бизнис, различни видови решенија што овозможуваат работа од дома, алатки за онлајн конференции и состаноци

ДУРИ И ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА СЕ СОЗДАДОА НОВИ МОЖНОСТИ ЗА НЕКОИ ИНДУСТРИИ

Иако секторот на информациски и комуникациски технологии (ИКТ) не е директно погоден од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, сепак тој го чувствува ударот бидејќи голем дел од компаниите со кои соработува доаѓаат токму од најпогодените сектори, како што се туризмот, транспортот и автомобилската индустрија. Но вистински удар за овој сектор претставува недостигот од квалификувана работна сила, и ако се надмине овој проблем, ИКТ-индустријата може да биде иден двигател на домашната економија, вели Анита Никова-Бундовски, директорка на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии.
– Фактот дека ИКТ-индустријата е хоризонтално поставена и е поддршка за сите други сектори во секојдневното дејствување го ублажува ударот врз овој сектор. Сѐ поголемото ориентирање спрема дигиталните решенија, дозволува ИКТ-секторот да има значителен напредок, особено во делот на е-комерц, е-бизнис, различни видови решенија што овозможуваат работа од дома, алатки за онлајн конференции и состаноци, и многу други софтверски решенија што овозможуваат компаниите од другите сектори да останат ефикасни и присутни на пазарот – вели Никова-Бундовски.
Од друга страна, како што додава таа, постојат ИКТ-компании чии клиенти, делумно или целосно, доаѓаа од најоштетените сектори, како што се туризмот, транспортот и автомобилската индустрија.

– Тоа за ИКТ-компаниите значеше раскинување договори или тешка наплата, но во секоја ситуација беше гледано и сѐ уште се гледа како двата бизниса, и тој од другата индустрија и тој од ИКТ, да опстојат и да преживеат, да ги оптимизираат трошоците, да најдат инвеститори и да ги задржат своите вработени, со нивно реалоцирање на други проекти – објаснува Никова-Бундовски.
Но и покрај проблемот со пандемијата, според неа, најголемата хронична болест на ИКТ-индустријата е недостигот од кадар.
– Во моментов разговараме со повеќе партнери како да ги преквалификуваме луѓето од другите сектори, кои од почетокот на кризата имаат изгубено работа, а имаат потенцијал да се стекнат со соодветни знаења и да влезат во ИКТ-секторот. Комплементарно на ова се и сите програми за преквалификации и доквалификации на кадар што тековно се спроведуваат во сите тренинг-провајдери во државата со исклучително успешни резултати на нови вработувања на слушателите – објаснува директорката на МАСИТ.

Според неа, на подолг рок треба да се размислува за отворање средно стручно училиште што ќе продуцира млади програмери и потребно е да се посвети внимание на подобра промоција на ИКТ-секторот пред младите, со намера што поголем број да се запишуваат во средните технички училишта и на техничките универзитети.
– Недостигот од кадар во просек е 50 отсто годишно, гледано во четиригодишна перспектива, и доколку ништо не се преземе во блиска иднина, тоа би значело недостиг во апсолутна вредност од околу 5.000 вработени до 2023 година – нагласува Никова-Бундовски.
Во услови кога државата има трговски дефицит и се соочува со економска криза поради пандемијава, извозот на ИТ-услугите е многу значаен и може да придонесе за раст на економијата.
– Навистина значаен пораст бележи извозот на ИТ-услуги, кој во 2016 година бил околу 149 милиони евра, а во 2019 година пораснал до 210 милиони евра. Оваа бројка укажува на тоа дека македонските ИКТ-компании сѐ повеќе работат за странски клиенти односно на странски пазари. Поголем дел од компаниите во моментот работат на извоз на ИТ-услуги, додека помал дел од компаниите продаваат сопствени продукти што е значително попрофитабилен начин за работа во странство и придонесува со поголема дополнителна вредност во самата индустрија – појаснува директорката на МАСИТ.

Таа вели дека фактот што нашата држава од аспект на популација е мала и самиот сектор не изобилува со милиони инженери каква што е ситуацијата во Индија или во Пакистан, сугерира на тоа дека нашите компании треба да се стремат кон тоа, од аутсорсинг-компании да прераснуваат во продуктно ориентирани компании.
– Оваа индустрија остварува сериозен трговски суфицит односно околу 43 отсто, со што се позиционира високо во однос на странски приливи што се од огромно значење за економијата во целост. Според трговскиот биланс, ИКТ-индустријата има највисока покриеност на увозот со извозот во споредба со сите други индустрии. За секое едно евро увоз има приближно 2,4 евра извоз со покриеност од 140 отсто – истакнува Никова-Бундовски.
Значењето на ИКТ-секторот за економскиот развој неодамна го потврди и вицепремиерот Фатмир Битиќи.
– Кризата нѐ принуди да направиме чекор напред во дигитализацијата на сите процеси, а претходно голем број од компаниите велеа дека не се подготвени за вакви промени. Од една страна, за економијата е навистина тешко што сме во ваков период, а од друга страна ме радува тоа што стануваме сѐ повеќе свесни за значењето на дигитализацијата, за унапредување на производствените процеси и креирање услуги што побрзо стигнуваат до оние на кои им се потребни. Ова е добар момент да го фатиме забрзано чекорот со светските трендови и развиените западни економии – нагласи вицепремиерот.