Со 8,3 милиони долари, Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД) ќе помогне да се зајакне економската конкурентност, да се намали корупцијата и да се зголеми младинското учество во општествените текови во земјава. За таа цел беше потпишан договор за грант за партнерство за развој меѓу САД и Македонија, од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски. Двете страни се обврзуваат заеднички да соработуваат за остварување на овие три клучни цели, а водечка улога ќе има Владата. Според министерот Бесими, договорот е потврда за долгорочното партнерство со САД, а трите клучни развојни цели соодветствуваат со програмата на Владата и целите поставени во Стратегијата за зајакнување на економијата, забрзан и одржлив економски развој.
– Минатата година, кога станавме полноправна членка на НАТО, постигнавме историски напредок во нашата евроатлантска агенда што беше поставена од осамостојувањето. Сега ни претстои период што е клучен за иднината на земјата. Примарно, тоа е надминувањето на предизвиците на ковид-кризата за економијата, но истовремено и продолжувањето на реформската агенда за креирање подобар систем за просперитетна, силна и добро управувана држава, која придонесува за регионалната стабилност и има европска иднина – истакна Бесими.
Беше посочено дека трите приоритети се избрани преку широк консултативен процес и се базираат на области што ќе имаат најдолг позитивен ефект.
– Ваш најголем предизвик е корупцијата, една од најголемите ваши потреби се економскиот раст и стабилност, а ваша најголема надеж се младите. Корупцијата не само што го поткопува владеењето туку ги саботира и економската конкурентност и можностите на младите во иднина – порача американската амбасадорка Кејт Брнз.
Иако корупцијата е област на која ќе ѝ биде посветено најголемо внимание, бидејќи тоа, како што рече, е најголем предизвик не само во Македонија туку и во многу други држави во светот, сепак, претставникот на УСАИД во земјава, Јановски, гледа напредок во оваа сфера.
– Тоа може да се постигне со јакнење на институциите и работа со граѓанските организации, значи да се зголемат и очекувањата на граѓаните и граѓанските организации за отчетност и транспарентност. Ова е суштински проблем, не само во Северна Македонија туку и во други земји во светот. Ќе продолжиме да соработуваме на ова поле – порача Јаноски.